Заврши јубилејниот 20-ти Таксират со рекорден број посетители

Во раните утрински часови, заврши 20-тиот по ред Таксират Фестивал, кој според организаторите имал рекордна посетеност од повеќе од 20.000 посетители во официјалната програма, која се одржуваше изминатава недела во Скопје.

Фестивалот синоќа ја имаше и финалната прослава, за која од Пасворд Продукција велат дека била достојна за 20 годишниот јубилеј, која се одржа на нова локација, во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, претставена и прилагодена во сосема поинакво издание од досега, со повеќе сцени и настапи, кои и овој пат во единствениот фестивалски дух на Таксират ја споија публиката од различни возрасти, земји и музички вкусови.

За повеќе од 8-часовното еуфорично славење на трите бини на Таксират, се погрижија 13 врвни музички изведувачи и докажани ѕвезди на светската, регионалната и македонската сцена.

Вечерта ја отвори македонскиот бенд Културно Уметнички Работници, кој пред 19 години го отвори и првиот Таксират. А веднаш по нив настапија и SMUT. Од Пасворд Продукција велат дека во музичката историја на Македонија ќе се запишат и премиерните гостувања кај нас, и тоа со фантастични настапи, на eден од најпосакуваните бендови на современата инди-рок сцена MANDO DIAO од Шведска, фуриозниот и легендарен австралиски drum’n’bass феномен PENDULUM и апсолутниот светски битбокс шампион, поранешен член на славните The Roots, RAHZEL, кој настапи со The X-Ecutioners на втората Фестивалска бина.

Организаторите додаваат и дека во сеќавањето на присутните ќе останат незаборавните настапи на алт-метал бендот од Северна Ирска THERAPY? и NOUVELLE VAGUE од Франција. А кулминација на еуфоричната прослава бил настапот на ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ.

На втората фестивалска бина настапија Диџеј Гоце и Пикисипи, кои овој пат настапија со проектот SAF Sound System, а вечерта продолжи со настапи на Rahzel и TRAP DA FUCK UP.

Последната бина беше резервирана за СКОПСКИ ГРУВ, OUBLI и Диџеј ШУРБЕ.

Во рамките на овогодишниот Таксират се одржаа вкупно 20 различни настани, на кои настапија 70 изведувачи, од над 20 земји во светот. Од Пасворд Продукција потенцираат и дека во Скопје гостувале повеќе од 100 странски делегати од светската музичка индустрија, но додаваат дека она што е најважно е дека Фестивалот бил домаќин на повеќе од 45.000 посетители.