Заврши изборната кампања, утре се одржува втор круг од локалните избори

Синоќа на полноќ заврши изборната кампања за вториот круг од локалните избори. Утре ќе се гласа во 35 општини во кои право на глас имаат 833.710 граѓани. Во вториот круг учествуваат 70 кандидати за градоначалници.

Државната изборна комисија акредитираше 5.101 домашни и 473 странски набљудувачи, како и 20 странски новинари. ДИК за вториот круг од изборите акредитираше дополнителен број набљудувачи и новинари.

МВР најави дека сите Одделенија за управни работи ќе работат и во деновите од викендот. Барањата в сабота ќе се примаат до 16 часот и 30 минути, а в недела ќе се издаваат лични карти од 7 до 19 часот. Отворена канцеларија за време на изборите најави  Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Упатство за гласање

За вториот круг од локалните избори кој ќе се одржи утре, избирачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на своето избирачко право.

По доаѓањето на избирачкото место, на граѓанинот најнапред му се проверува десниот палец со УВ ламба за да се види дали има траги од безбоен УВ спреј, потоа се прави проверка на документите за лична идентификација, и тој се потпишува во изводот од Избирачкиот список.

Гласачкото ливче се откинува од кочанот на блокот по нумерички редослед, му се става печат на предната страна и потоа му се дава на избирачот.

Пред да се упати кон параванот за гласање избирачот се прска со безбоен спреј. Гласањето се врши тајно, зад параван.

Избирачот гласањето за избор на градоначалник на општина го врши на тој начин што го заокружува редниот број пред името и презимето на кандидатот за која се определил. Преклопеното гласачко ливче избирачот го става во соодветно обележаната кутија за гласање.

Гласање за друго лице е забрането, освен во случаите предвидени во членот 112 од Изборниот законик, односно избирачот кој има физички недостаток или е неписмен и поради тоа не може да гласа на начин утврден со овој Законик, со себе има право да доведе лице кое ќе му помогне при гласањето. Ако избирачот не доведе со себе лице кое ќе му помогне при гласањето, тогаш избирачкиот одбор ќе определи друго лице од редот на избирачите.

Лицето кое ќе му помага на друго лице при гласањето не смее да биде од редот на членовите на избирачкиот одбор, претставниците на подносителите на листите или од редот на набљудувачите. Лицето не смее да влијае врз одлуката на избирачот, а при гласањето може да помогне најмногу на двајца избирачи кои се со физички недостаток или се неписмени. Овој начин на гласање се забележува во записникот број 16.

Заради обезбедување на тајноста на гласањето, на денот на изборите на гласачките места, овластените претставници на подносителите на листите, овластените набљудувачи, членовите на изборните органи и избирачите не смеат да користат мобилни апарати, фотоапарати и други средства за снимање на изборниот материјал и на избирачите кога гласаат.

Отворена канцеларија на Хелсиншкиот комитет: Пријави повреда на избирачко право!

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ги известува граѓаните дека во недела, 29 октомври 2017 година, канцеларијата на Комитетот ќе биде отворена во текот на целиот ден со цел да им овозможи на граѓаните да пријават повреда на избирачкото право за време на вториот круг на Локалните избори.

Комитетот ги охрабрува сите граѓани кои сметаат дека нивното избирачко право е повредено да го пријават случајот во канцеларијата на Комитетот кој се наоѓа на ул. „Наум Наумовски Борче“ бр. 83 во Скопје. Доколку граѓаните не се во можност да дојдат до нашите простории, случаите на повреда на избирачкото право можат да го пријават и преку телефонски број 02-3119-073.

Покрај личното и телефонското пријавување овозможена е и пријава преку е-пошта на helkom@mhc.org.mk. Пријавите преку е-пошта треба да содржат кратко образложение за настанатата повреда, локација (изборна единица и број на гласачко место) и време на настанување на повредата на избирачкото право.

Граѓаните можат да ги поднесат пријавите наведувајќи ги своите лични податоци или анонимно. Сите пријави до Комитетот ќе бидат дополнително истражени со цел да се верификува нивната веродостојност. Тајноста и неповредливоста на личните податоци се загарантирани од страна на Хелсиншкиот комитет и тие нема да бидат објавени без претходна дозвола од страна на граѓаните што ја пријавиле повредата.