Заврши четвртото издание на Фестивалот за процесирање култура „ДримON“

Четвртото издание на Фестивалот за процесирање култура „ДримON“, кое ја стави Струга на мапата на креативни градови, донесе свежина на културна сцена, ја „дигна од мртвите“ и им покажа на стружани дека има жед за култура и уметност. Публиката, не само што учествуваше како гостин на многубројните содржини, дебати, изложби, работилници, проекции на филмови, театар, концерти и диџеј-сетови, туку и се вклучуваше во расправи, даваше предлози, сугерираше решенија.

Организаторите од ИНКА велат дека се задоволни од четвртото издание на фестивалот.

„Со самата поддршка која овој пат ја доби, видовме што значи да се покаже овој фестивал во вистинско светло, со сите ресурси што се потребни. Програмата ни е силна страна, но ни недостасуваше сериозна поддршка во поглед на инфраструктура и логистика. Овој пат имаше армија која работеше на фестивалот, за разлика од минатите години кога бевме само неколкумина“, вели Кристина Тодороска Петреска, дел од организаторите на „ДримON“.

Писателот Димитрие Дурацовски, еден од најпознатите и највлијателните луѓе кога станува збор за развој на оваа културна сцена, изјави дека тој е сведок и соучесник на случувањата на „ДримON“.

„Сето ова се случуваше буквално пред мои очи. Пред четири години, неколку млади луѓе кои сонуваа за еден поинаков град и не се согласуваа со синтагмата наречена провинција, започнаа еден алтернативен потфат буквално на мускули и го нарекоа „ДримON“. Што се случи? После само четири години тој ентузијастички „ДримON“ прерасна во извонреден фестивал кој продуцира култура од сите видови и на воодушевување на многубројната публика ги освои просторите на Струга, од капацитетите на Центарот за култура до Паркот на поезијата каде што изминатата недела вриеше како во кошница. Ова се преубави денови кои ги потсетија граѓаните на Струга на славните почетоци на Струшките вечери на поезијата кога градот дишеше како еден организам. Познавајќи ги момците и девојките од „ДримON“, јас знам дека фестивалот има веќе загарантирана иднина“, смета Дурацовски.

Прв пат оваа година, фестивалот имаше и фондовска поддршка, па ова издание е овозможено со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).