Заврши 34 „Скопје Џез Фестивал“

По десет успешни концерти во четири целосно распродадени вечери, заврши 34-то издание на „Скопје Џез Фестивал“. Со бурни аплаузи и овации, посетителите ги поздравија изведувачите од последната фестивалска вечер, кои со својот репертоар составен од експериментални џез мелодии се претставија на сцената на Македонската опера и балет.

На затворањето на фестивалот настапи монтекарлското дуо составено од тромбонистот Колин Стетсон и виолинистката Сара Нуфилд кои воедно ја искористија можноста да го промовираат својот нов албум „Never were the way she was” издаден оваа година. Тие велат дека се задоволни од начинот на кој македонската публика ја прифатила нивната музика.

„Ми претставува големо задоволство што голем број од посетителите уживаа во нашата изведба. Се надевам дека ќе се вратиме во Македонија што поскоро и пред публиката ќе се претставиме со нов проект,“ вели Нуфилд.

Веднаш по нив, сцената му припадна на џез составот „Angles 8” од Шведска, чијашто музика претставува комбинација од разновидни музички влијанија. По нивниот настап, 34-от скопски џез фестивал беше официјално прогласен за затворен.

На последната вечер од фестивалот, музичкиот директор, Оливер Белопета, на посетителите им се заблагодари за присуството и вети побогата програма за следната година.

„Се надевам дека наредната година ќе успееме комплетно да ја реализираме нашата замисла и да добиеме подобар и поквалитетен џез фестивал“, рече тој.

Христијан Баневски