Завод и музеј Охрид: Немаме надлежност за издавање одобрение за градба на хотелот во Лагадин

Од охридската локална самоуправа сметаат дека нема ништо спорно во изградбата на хотелот на Лагадин, а од Завод и музеј Охрид се произнесоа дека немаат надлежност околу издавањето одобрение за градба на хотелот во Лагадин.

„НУ Завод и Музеј од Охрид нема надлежност да изработи заштитно-конзерваторски основи за општ акт за село Лагадин ниту, пак, има каква било надлежност при ревизијата на проектната документација за предметниот објект и при издавањето на потребното одобрение за градење. Надлежностите на националната установа завршуваат со констатацијата дека на предметниот простор не постојат заштитени или евидентирани споменички добра или археолошки локалитети“, изјави за „Охрид њуз“, директорката Тања Паскали-Бунташеска.

Пред да биде изработен општиот акт за село Лагадин, од Завод и музеј Охрид било побарано мислење за евентуално постоење на заштитени или евидентирани споменички добра, како и за постоење на евидентирани или заштитени археолошки локалитети, за што тие дале негативен одговор.

Инаку, граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ подготви онлајн петиција со која бараат за се повлече решението за изградба на хотел во заштитетниот појас на Охридското езеро. Тие велат дека неговата изградба мора да се спречи, бидејќи според закон, на 50 метри од брегот е забрането градење на објекти од траен карактер. Со поставувањето на темелите на незаконската градба веќе е бесправно навлезено во приватен имот од соседните парцели и тоа додека сопствениците не се таму, велат од иницијативата.