На 10 септември, утре, со почеток од 19 часот, здружението „ХОПС – Опции за здрав живот Скопје“ организира онлајн разговор на тема „Зависности кај деца и млади во време на пандемија, на која гледачите исто така ќе можат да постават прашања.
Како што најавуваат организаторите, разговорот ќе го модерира Благородна Коцева Симјанова, а соговорници ќе бидат психологот Деспина Стојановска, активистот и параправник во ХОПС Дарко Богески.
„Децата и младите кои употребуваат дрога, како и нивните родители честопати се соочуваат со крајно предизвикувачки ситуации, предизвикани од кризата и сето тоа резултира со огромни нивоа на стрес, вознемиреност, недостаток на пристап до терапија. Сегашната пандемија Ковид-19 дополнително ги влоши проблемите со кои се соочуваат децата и младите кои употребуваат дроги“, истакнуваат од здружението.
Оттаму додаваат дека проблемите се здравствени, односно, пристапот до медицински установи и здравствена заштита, психолошки, страв за нивниот живот, стрес и вознемиреност, но и економски, во однос на губење на нивното работно место или на нивните родители.
„Во време на Ковид-19, нашите психолози кои работат во Центар за рехабилитација и ресоцијализација, имаа зголемен број повици од родители на деца и млади кои употребуваат дрога, барајќи психолошка поддршка во овие времиња. И покрај тоа што проблемот за лекување на децата кои употребуваат дроги во Северна Македонија постои многу оддамна, сè уште не постои државно финансирана национална програма за третман, рехабилитација и ресоцијализација на деца под 18 години. ХОПС работи на овој проблем долги години, а во 2018 и 2019 година го иницираше и олесни процесот на подготовка на ‘Програмата за третман и грижа на малолетни лица кои употребуваат психоактивни супстанции’. За жал програмата сè уште не е усвоена од националните власти“, посочуваат од ХОПС.