Затвореник кој чекал извршување на смртна казна нашол прибежиште во уметноста

Додека повеќето надежни уметници го поминуваат своето време на ликовна академија, Демиен Еколс чекал извршување на неговата пресуда – смртна казна. Тој е еден од тројцата членови на West Memphis Three, кои биле осудени како тинејџери за убиство на три момчиња. Еколс чекал извршување на казната 18 години, додека ДНК анализа не докажала дека е невин и бил ослободен во 2011 година.

Денес, Еколс е уметник со изложби во престижни галерии. Го формирал уметничкиот колектив The Hand, заедно со уметницитие Ментон3 и Дејвид Ступакис. Колективот моментално има изложба во Санта Моника, именувана Салем. Се содржи од ритуалистички цртежи, готски слики и скулптури направени од Еколс додека бил во затвор. Ступакис верува дека Салем има универзално значење како тема.

„Салем изгледаше како соодветен наслов за оваа изложба. Мислам дека во некој момент сите сме почувствувале неправда до одреден степен“, вели тој.

Насловот на изложбата е метафора за искуството на Еколс во затвор.

„Видов дека истото што се случувало во Салем ми се случува и на мене, го почувствував тоа од прва рака. Видов дека луѓето и државата на Арканзас сакаат да ме убијат, исто како што народот сакал да ги убие обвинетите во Салем“, вели Еколс за Vice.

Неговото бавење со ликовната уметност започнало како терапевтски процес додека бил зад решетки.

„Звучи речиси лудо да се каже, но кога бев во затвор, бев толку внесен во создавањето уметност и обидувањето да изразам одредени нешта, што понекогаш не ги ни гледав затворските ѕидови неколку денови, бидејќи бев толку внесен во себеси“, раскажува. „Тоа ми овозможуваше да се фокусирам на нешто друго освен на болката, срамот, тортурата и траумата, и сѐ друго низ што поминував. На некој начин, ми помогна да го зачувам здравиот разум“.