Студентскиот пленум од Битола, на 17 ноември 2014, се обиде да одржи пленум за донесувањето одлуки поврзани со иницијативата за екстерно тестирање на студентите, во просториите на Технолошко-техничкиот факултет Велес – Дисперзирани студии Битола, откако претходно било поднесено писмено барање до факултетот. Без каков било формален одговор од страна на факултетот, во обидот да го одржиме пленумот, на дрзок начин бевме спречени од страна на администрацијата, која ги заклучи вратите на факултетот“, се вели во соопштението од Студентскиот пленум во Битола.
Сепак, тоа не ги спречи во нивната намера и Пленумот го одржаа на отворено.
Кога студентите сакаа по втор пат да се состанат, на 21 ноември, тие повторно не добиле никаков формален одговор од факултетите, но неофицијално ни беше соопштено дека доколку добиеме одговор, тој секако, нема да содржи одобрување за одржување на пленумот во просториите на факултетите. Поради ова, студентите беа приморани и вториот пленум да го одржат на отворено, на паркингот до факултетот.
„Со тоа што го спречуваат одржувањето на студентскиот пленум во просториите на овие високообразовни институции, всушност постапуваат незаконски и го кршат членот 150 од Законот за високо образование, според кој: ‘Студентот има право да ги користи библиотеката и базите на податоци, просторот, опремата (учебните помагала), софтверот и друга научна и стручна инфраструктура на универзитетот и неговите единици, односно на самостојната високообразовна установа’
Студентскиот пленум во Битола најавува трет собир на студентите на 26 ноември (среда), во 12 часот. Тие денеска доставија барање до Техничкиот факултет – Битола, да им дозволат пленумот да се одвива во некоја од просториите на факултетот. Доколку и на овој факултет не добијат дозвола, пленумот ќе го одржат на отворено, соопштуваат студентите.