„Засолниште во времето“ на Георги Господинов ја освои Меѓународната Букерова награда

Романот „Засолниште во времето“ на Георги Господинов, во превод на Ангела Родел, ја доби Меѓународната Букерова награда, со што стана прва книга напишана на бугарски јазик со ова престижно признание.

Претседателката на жири-комисијата, Лејла Слимани, го опиша романот како „брилијантен, полн со иронија и меланхолија“.

„Се работи за многу длабока тема која се занимава со современо и филозофско прашање – што се случува со нас кога нашите спомени исчезнуваат?“, додава Слимани.

Во „Засолниште во времето“ се раскажува приказна за отворање на „клиника за минатото“ која нуди ветувачки третман за пациенти со Алцхајмерова болест. Секој кат од клиниката прикажува една деценија во најситни детали, каде се` – од мебелот, цигарите и пијалаците се од таа ера, па до весници кои го опфаќаат секој ден од декадата. Како што се шири зборот за оваа клиника, во неа започнуваат да бараат прибежиште и здрави луѓе за да избегаат од хоророт на модерниот живот.

Според Слимани, романот отвора прашања за начинот на кој нашите спомени го чуваат идентитетот и нашиот интимен наратив.

„Но, истовремено тоа е и голем роман за Европа, континентот на кому му е потребна иднина, каде минатото се менува и носталгијата е отров. Ни дава перспектива на гостината на земји како Бугарија, кои беа во срцето на идеолошкиот конфликт меѓу Западот и комунистичкиот свет“, додаваа таа.

Паричната награда од 50.000 фунти ќе биде поделена помеѓу авторот и преведувачот и се доделува секоја година за роман или збирка на кратки раскази кој е преведен на англиски од било кој светски јазик и кој е објавен во Велика Британија или Ирска.

„Засолниште во времето“ (Time Shelter) беше меѓу финалистите за оваа награда заедно со „Карпата“ (Boulder) на каталонската писателка Ева Балтазар, „Китот“ (Whale) од јужнокорејскиот писател Чеон Мјон-кван, „Евангелие според Новиот свет“ од француската писателка Марис Конде, „Стоејќи цврсто“ (Standing Heavy) од писателот од Брегот на Слоновата Коска, ГауЗ’ и „Мртвороденче“ (Still Born) од мексиканската писателка Гвадалупе Нетел. Оваа финална листа жири-комисијата ја нарече „многу кул и многу секси листа со извонредна разноликост“.