„Засолниште во невреме“ – изложба на фотографии на Наќе Батев

Оваа година глобалниот извештај за состојбите на светското население на Фондот на население на Обединетите нации (УНФПА) е насловен „Засолниште во невреме“. Во овој извештај се отсликуваат сите напори кои што агенцијата насекаде во светот ги вложува за да се справи со сите мигрантски и бегалски текови и како да им се помогне на оние кои што ги напуштиле своите домови.

На насловната страница на глобалниот извештај „Состојби на светското население – 2015“ е поставена фотографија од Наќе Батев кој работеше заедно со претставниците на УНФПА во Гевгелија во август 2015. Во самиот извештај исто така се вметнати повеќе фотографии од теренската работа, кои ќе бидат прикажани на изложбата.

Наќе Батев дипломирал уметничка и применета фотографија на Националната академија за театар и филм во Софија. Во моментов тој работи како фоторепортер за дневниот весник „Вечер“. Преку неговиот објектив се пренесени сите позначајни општествено збиднувања во нашата земја. Фотографиите на Наќе Батев се објавувани од голем дел на светски новински агенции, а истовремено се наградувани во земјава и Европа.