„Заслуга на граѓаните“ – Препораката за преговори со ЕУ стигна во Владата

„Земјата и граѓаните ја заслужија безусловната препорака“, изјави еврокомесарот Јоханес Хан при предавањето на Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија на премиерот Зоран Заев, во кој се препорачува отворање преговори со земјава за членство во Европската Унија.

Во Извештајот Европската Комисија сумира дека Македонија „конечно ја надминала најголемата политичка криза од 2001 година“ и дека „спроведува суштински промени во поинклузивна и политички поотворена атмосфера“.

„Уште поенергично ќе работиме во јуни да добиеме датум за преговори. Продолжување со суштинските реформи, и по Планот 3-6-9 ќе утврдиме нов план на реформи“, рече Заев.

Извештајот ја истакнува конструктивната улога на граѓанското општество во поддршка на демократските процеси и обезбедување поголема контрола на власта.

„Од втората половина на 2017, климата во која функционираат граѓанските организации е подобрена и владата покажа заложби за дијалог и инклузија“, стои во документот.

Дополнително е регистриран и напредок во слободата на изразувањето преку „подобрена клима за медиумите и намален притисок врз новинарите“. Македонија, сепак, треба да се справи со останатите предизвици во оваа област, меѓу кои и реформата на јавниот сервис.

Во делот на Извештајот посветен на младите, Европската Комисија посочува дека годинава е предвидено отворање на локална канцеларија на РИКО во Скопје, а Владата продолжува да промовира младинско учество во демократските процеси, образование прилагодено на пазарот на труд за адресирање на високата младинска невработеност и социјална инклузија презентирана во Националната стратегија за млади 2016-2025.

Извештајот регистрира проблеми во образовниот систем, за кој е посочено дека бавно се соочува со недостатокот на вештини потребни на пазарот на трудот. Забележани се и „структурални и оперативни недостатоци“ во ефективната борба против корупцијата, каде политичкото влијание останува ризик.