„Заробувачи на смртта“ во МКЦ

На 14 април со почеток од 20 часот друштвото на уметници „Заробувачи на смртта“ го организираат второто издание на манифестацијата во која членовите на ова друштво се претставуваат со своите уметнички дела.

Уметничката програма оваа година започнува со музичкиот перформанс на гитаристот Јетмир Мехмеди, кој ќе изведе неколку класични дела за акустична гитара. По него следува проекцијата на краткометражниот филм „Мемоари“, кој претставува адаптација на истоимениот краток расказ од збирката раскази „Морбидизам“ на Златко Ѓелески, екранизиран од страна на членовите на „Заробувачи на смртта“ кои по проекцијата на филмот ќе го елаборираат процесот на преведување на пишаниот збор во филмски јазик.

Од просториите во џебното кино настанот се сели во фоајето над кино „Фросина“ каде ќе биде поставена изложбата на фотографии насловена „ПостМодернистички Стрес“ на Ана Аврамоска. Овие дваесет фотографии отвораат прашања за потрагата по идентитет на обезличениот модерен човек во безмилосниот свет, со помош на севкупната палета на емоции. Манифестацијата се комплетира со промоцијата на новата книга на Златко Ѓелески – „Колекционерот на страв“, составена од две целини: „Некрово“ – новела за тајните на еден мал проколнат град и „Гробницата на живите мртовци“ – збирка на раскази за ликови со испреплетени судбини лоцирани во една загадочна зграда.

Музичкиот перформанс на Јетмир Мехмеди и проекцијата на краткометражниот филм „Мемоари“ ќе се одржи во просториите на Џебното Кино, додека пак изложбата на фотографии „ПостМодернистички Стрес“ на Ана Аврамоска и промоцијата на книгата „Колекционерот на страв“ ќе се одржи во фоајето над кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар.