Заработката на „Star Wars: The Force Awakens“ надмина две милијарди долари

Изминатиов викенд, заработката на филмскиот мегахит „Star Wars: The Force Awakens“ надмина две милијарди долари, со што стана само третиот филм во историјата што стигнал до овој приход. Претходно, само „Titanic“ (2.19 милијарди) и „Avatar“ (2.79 милијарди) заработиле повеќе, но кај овие цифри не е земена предвид инфлацијата.

Што се однесува на заработката на „The Force Awakens“ само во САД, таа изнесува 900 милиони долари и ова е првиот филм што стигнал до оваа бројка.

„Ова е историски момент за „Star Wars“, за продукцијата Lucasfilm и за Disney“ и сите ние сме екстремно благодарни што сме дел од ова патување со фановите ширум светот, кои го направија филмот толку необично успешен“, вели директорот на Disney, Alan Horn.

„The Force Awakens“ досега собори неколку рекорди поврзани со заработката – најдобар прв ден во американските кина (119.1 милиони долари), најдобар прв викенд во САД (247.9 милиони) и во светот (528.9 милиони), а стана и филм што најбрзо стигнал до приход од една милијарда долари (само 12 дена од светската премиера).