Рок, џез и етно – промовиран новиот македонски бенд АТоМ

Минатиот викенд, во ,,Гран клуб” во Скопје, беше промовиран новиот македонски fusion состав – АТоМ. Бендот најавува добра и квалитетна музика, комбинирана од елементи на рок, џез и етно.

 Запознајте го новиот АТоМски музички состав кој нуди квалитетна музика Членови на бендот се Иван Петровски (гитара), Никола Бочваров (бас), Александар Ванчовски (тапани) и Иван Еминовиќ (клавијатура). Велат дека соработката меѓу нив и формирањето на АТоМ се случила спонтано.

,,Истиот музички израз, истите музички интереси, влијанија и стилови не споија заедно. Почнавме да свириме како многу одамна да сме започнале да правиме музика во овој состав. Сите сме колеги и професионално се занимаваме со музика, од тие причини уште подобро се разбираме,”објаснува тапанарот Александар.

Гитаристот Иван Петровски е студент на студиите за аранжирање при Факултетот за музичка уметност во Скопје, додека басистот Бочваров е во отсекот за контрабас на истиот факултет. Веќе дипломиран на Факултетот за музичка уметност е клавијатуристот Еминовиќ, кој на катедрата за оркестарско дигирирање веќе ги има завршено и магистерските студии. Тапанарот Ванчовски пак ги изучува ударачките инструменти на џез-академијата при Штипскиот Универзитет ,,Гоце Делчев”.

Заеднички за во иднина им е издавање на првиот албум, кој најавуваат дека ќе биде направен до крајот на оваа година.

,,Во следните неколку месеци ќе се посветиме на привршувањето на уште неколку песни, за потоа да би можеле да стартуваме со концерти и настапи во жив,” вели Александар.

Магдалена Ивковска

Извор: Мediaartbox.org