Македонската студентска организација во Словенија (МСОС) на 16 септември со почеток во 18 часот, во НЛБ Галерија, Бул. „Мајка Тереза“ бр. 1, Скопје, ќе го одржи третиот по ред настан „Запознај ја студентска Словенија“.
„Настанот е наменет за матуранти, средношколци и нови студенти кои размислуваат или веќе се запишале на студии во Словенија. Целта е да се обезбедат практични информации за академскиот и општествениот живот, можностите за образование, како и поддршка при процесот на адаптација и вмрежување“, појаснуваат од МСОС.
За учество на настанот е потребна претходна регистрација и повратен одговор до организаторите. Регистрацијата е бесплатна и овозможува обезбедување на место, материјали и учество во панел дискусијата.
„Како и претходните години, така и оваа година е предвиден пренос во живо од настанот на YouTube каналот на организацијата, со цел да се овозможи следење и на оние кои нема да бидат во можност да присуствуваат лично. Линкот за преносот ќе биде навремено објавен на социјалните мрежи на МСОС. Очекуваме присуство на повеќе од 100 учесници, согласно со ограничениот број на слободни места, кои ќе имаат можност да следат презентации, панел-дискусија и директни разговори со сегашни студенти и млади професионалци во Словенија“, посочуваат од студентската организација.
Настанот традиционално се одржува со поддршка на Амбасадата на Република Словенија во Скопје, а покровител е НЛБ Банка.
„Организацијата МСОС постои веќе три години и претставува поддршка и помош за над 2.000 македонски студенти кои студираат во Словенија. Со својата работа МСОС е ‘дом далеку од дома’ за младите, овозможувајќи им полесна интеграција и развивање на заедница на студенти кои си помагаат и се поврзуваат меѓусебно“, велат од МСОС.