Започнува средношколскиот натпревар во блогирање „Кажи нешто“

Денес почнува натпреварот во блогирање „Кажи нешто“ за сите средношколци во Македонија кој има за цел да ги поттикне младите луѓе во Македонија да ги употребуваат новите информатички технологии на практичен начин и да се изразат креативно преку музика, видео, фотографија или пишување.

Започнува средношколскиот натпревар во блогирање „Кажи нешто“Натпреварот ќе трае од 24 декември 2013, до 30 април, 2014 година. Сите заинтересирани треба да се регистрираат на веб страната www.kazinesto.org.mk која ќе служи и како блог агрегатор. На истата страница учесниците ќе можат да најдат и упатство за блогирање, чиј автор е познатиот блогер Дарко Булдиоски.

Право на учество имаат сите ученици од 14 до 18 години од средните училишта во Македонија. Блог може да пријави ученик-поединец или тим до пет ученици. На натпреварот може да учествуваат и средношколци со веќе постоечки блогови, доколку се регистрираат.

Секое училиште може да пријави неограничен број на учесници кои ќе учествуваат во натпреварот преку создавање на написи или други изразни средства со кои ќе ги искажат своите идеи и ставови на зададените теми.

Учесниците ќе може да креират блогови на следните две теми: „Кажи ТЕХНОЛОГИЈА“, која ги покрива подкатегориите: живот онлајн, хакеризам, мобилен интернет, мобилни апликации и „Кажи СТИЛ“ со подкатегориите: љубов, култура, спорт и зелен.

Најдобрите блогови ќе бидат оценети согласно утврдените критериуми од страна на стручно жири при што трите најдобри ќе бидат наградени по завршувањето на натпреварот. Финалниот настан за прогласување на победниците е закажан во мај.

„Кажи нешто“ е партнерски проект на Фондацијата „е-Македонија“ и Здружението за едукација, комуникација и консалтинг „ОХО“.