Започнува штрајкот во МПМ: „Тоа е последниот начин на борба за остварување на нашите права“

На Денот на македонското новинарство, 17-ти февруари, во најголемата медиумска издавачка куќа Медиа принт Македонија, дел од новинарите и другите медиумски работници стапија во штрајк на неопределно време.

Ова се смета за прв организиран штрајк на новинари и медиумски работници од осамостојувањето до денес, покрај протестите на вработените во НИП Нова Македонија пред петнаесетина години, како и одделни други форми на протести во други медиуми.

Штрајкот е во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија (ССНМ), а одлуката неодамна ја донесоа синдикалните групи во дневните весници Утрински весник, Дневник и Вест.

„Ваквиот непосакуван начин на борба за своите права на новинарите и другите медиумски работници, е директна последица на негрижата на сопствениците и менаџментот на компанијата за нејзиниот развој во основната дејност – издавање печатени медиуми и печатење на други производи.

Раководството на компанијата, за кое вчера јавноста беше информирано дека делумно веќе го напуштило бродот кој тоне, наместо грижа за одржување на тиражите на весниците и други иновативни решенија, портфолиото на медиумите го стави во слугинска улога на бизнис и партиски центри на моќ. Со тоа, тиражите на весницити кои поради светските трендови и онака беа намалени, почнаа вртоглаво да тонат. Наместо да се свестат, сопствениците на комапнијата излезот го побараа во постојано бркање на успешни уреднички тимови и новинари, а носејќи колеги кои им се по волја на властите“, стои во соопштението на ССНМ.

Оттаму велат дека уште пред една година платите почнаа да доцнат, и да се исплаќаат надвор од законскиот рок, со што вработените новинари и медиумски работници биле доведени од свој џеб да го финансираат опстојувањето на весниците. Од Синдикатот нагласуваат дека сопствениците и менаџментот од почетокот на годинава ја прекинале секоја форма на социјален дијалог и останале глуви на барањето на новинарите за средби и за договори.

„За членовите на синдикатот во вакви услови штрајкот е последниот начин на борба за остварување на правата од работниот однос. Штрајкот е неограничен, а ќе се одвива етапно и согласно законот“, велат од Синдикатот.