Започнува петтото јубилејно издание на Codefest Tech Festival во Охрид

Денес започнува петтото јубилејно издание на Codefest Tech Festival, настан посветен на технологијата, иновациите, стартапите и креативните млади.

Фестивалот започнува со конференцијата Codeference на која се најавени многу говорници и интерактивни активности. Паралелно се отвора и бизнис експото, каде ќе се претстават 10 компании и стартапи и истото е отворено сите 3 дена на настанот.

Следниот ден (8 април) започнува 32-часовниот Codefest Marathon. Ќе се натпреваруваат 27 тимови поделени во 3 категории: млади (до 16 години), студенти (од 17 години до мастер студии), и професионалци (вработени, freelancer-и, или не било кој начин, не-студенти). Тимовите учесници на Маратонот доаѓаат од целиот регион и ќе се натпреваруваат во развој на иновативни идеи и прототипи. Во исто време со маратонот, во Вип салата на Инекс Горица започнуваат и практичните мултидисциплинарни работилници кои се бесплатни и отворени за пошироката публика.

Во недела (9 април), ќе се одвиваат финалните презентации на тимовите и нивната борба за освојување на награда на Маратонот. Потоа следува завршната церемонија на настанот со прогласување на победниците од страна на стручното жири и доделување на вредни награди. Исто и овој ден се одвиваат работилниците и е активно експото.

Настанот е основан и организиран од организацијата Стартап Зона од Охрид. Годинешното јубилејно издание на настанот е поддржано од Фондот за иновации и технолошки развој на Р.Македонија кој се јавува како институционален покровител и коорганизатор на настанот.