Започнува меѓународната графичка работилница „Софија“

Започнува меѓународната графичка работилница „Софија“ Од 23 август до 3 септември во Богданци се одржува единствената графичка работилница на Балканот.Шеста година по ред, меѓународната графичка работилница „Софија“ ќе собере на едно место 16 млади автори од земјава и регионот. Учесници ќе пристигнат од државните ликовни академии во Скопје, Белград, Нови Сад, Нови Пазар, Сараево, Љубљана, Загреб и Софија.

Улогата на ментори ќе ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија и Хрватска, меѓу кои и реномираниот професор Звонко Тилиќ, шеф на одделот за графика на Академијата во Нови Сад. Работилницата треба да им помогне на младите графичари од регионот да разменуваат искуства, но и да им обезбеди услови за работа поради фактот што оваа техника е помалку застапена на овие простори.

 

Завршните дела ќе бидат изложени во галерискиот простор на Печатница „Софија“ во Богданци, а по завршувањето на работилницата се предвидени изложби во повеќе градови низ Македонија и Балканот.

Графичката работилница „Софија“ првпат се одржа во 2008 година, а  низ неа продефилираа над 90 млади уметници од регионот.