Започнува кампањата „Get Online Week 2013“

Здружението „Отворете ги прозорците“, трета година по ред, е национален координатор на кампањата Get Online Week 2013 која ќе се спроведува во 27  европски земји. Во периодот од 18 до 24 март, приближно десет илјади организации, членки на Telecentre–Europe ќе организираат различни активности кои ќе промовираат дигитална инклузија во цела Европа.

Започнува кампањата „Get Online Week 2013“

Во одбележувањето на Get Online Week во Македонија  здружението ќе вклучи повеќе училишта, јавни институции, граѓански организации и медиуми. Дигиталната инклузија, особено на лицата со попреченост и возрасните лица, како и значењето на компјутерските вештини за поттикнување на вработливоста на младите ќе бидат во фокусот на овогодишните активности.

Важно е да се напомене дека секој граѓанин ќе може да ја даде својата поддршка преку пополнување на дигиталниот бројач кој ќе биде поставен на веб-страницата на „Отворете ги прозорците“.

Централен настан на кампањата во Македонија е тркалезната маса на тема „Дигиталната инклузија во Македонија“, која ќе се одржи на 20 март во хотел „Порта“ во Скопје. Целта е да се информираат јавноста и релевантните чинители за потребата и тековните иницијативи за подобрување на дигиталната инклузивност на македонското општество.

Исто така, во соработка со Универзитетот Трето доба на 22 март на Филозофскиот факултет во Скопје, ќе биде организирана трибина на тема „Информатичката технологија и третото доба: Можност или потешкотија“. Целта е да се пренесе пораката дека возрасните лица можат да ја користат и да уживаат во придобивките од технологијата во различни сфери од животот.

Get online week кампањата, се случува еднаш годишно, ги зајакнува луѓето да ја користат технологијата и интернетот за да ги искористат придибивките од денешниот дигитален свет на можности. Кампањата преку онлајн анкета ја покажува поддршката на лица од европските земји вклучувајќи ја и Македонија. Кампањата има за цел да ги поттикне луѓето да ја користат технологијата и интернетот за да ги искористат придобивките од денешниот дигитален свет.

Здружението „Отворете ги прозорците“, единствена граѓанска организација во Македонија фокусирана на промоција на асистивната технологија, е формален член на Телецентар Европа од 2012 година и досега два пати има организирано активности во рамки на кампањата во 2011 и 2012 година.

Извор: Метаморфозис