Започна забранетиот протест на студентите во Бања Лука

Бањалучките студенти денеска започнаа мирен протест, со кој сакаат да го изразат своето незадоволство, од како што велат, состојбата во општеството и барааат од власта да ги реши нивните проблеми.

Началникот на полицијата на Бања Лука изјави дека полицијата нема да ги спречи протестите, иако за нив не е издадено одобрување.

Околу 500 студенти тргнаа од универзитетскиот кампус за да им се придружат на студентите кои се наоѓаат пред павиљонот на Студентскиот центар „Никола Тесла“, за потоа заедно да се упатат кон Владата на Република Српска, пренесува Ал Џазира.

 

Босанските медиуми јавуваат дека на студентите им се приклучиле и повозрасни луѓе и пензионери, членови на здруженијата на невработени, Синдикатот на фабриката „Космос“, поранешни борци и воени инвалиди како и други активисти, а проценките се дека досега вкупно се присутни околу три илјади луѓе.

Организаторите на протестот ги повикаа учесниците на примерно и достоинствено однесување, пренесува телевизизијата. Барањата на студентите се однесуваат на почеток на изградба на четвртиот павиљон од Студентскиот центар во Бања Лука, како и на капацитетите за студентски смештај во источно Сараево.

Студентите бараат и исклучување од партијата за поранешниот извршен секретар на СНСД, Рајко Васич, бидејќи ги навредувал студентите, потоа оставка од ресорниот министер Горан Мутабџија, намалување на цената на мастер-студиите, ревизија на приватните факултети како и борба против криминалот и корупцијата во високото образование.