Започна судењето на новинарот Кежаровски

Во Кривичниот суд во Скопје почна судскиот процес за случајот „Ликвидација“ во кој е обвинет и новинарот Томислав Кежаровски дека во новинарски текст од 2008 година објавил идентитет на заштитен сведок во случај за убиство.

Преку протести и со едноминутно молчење пред Судот, новинарите од иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски симболично оддадоа почит на, според нив, убиената слобода на изразување. Поддршка за Кежаровски пристигна и од меѓународните медиумски здруженија.

Процесот го следат претставници од Американската амбасада, Хелсиншкиот комитет, ОБСЕ, како новинарските здруженија.

Покрај Кежаровски, на обвинителната клупа денеска седнаа уште седум лица, меѓу кои судии, јавен обвинител и адвокат.

Кежаровски е обвинет за напишан текст објавен пред пет години во кој го открил идентитетот на заштитен сведок во случај за убиството во Ореше.

Од иницијативниот одбор за слобода на Кежаровски, очекуваат судот да му даде можност да се брани од слобода. Кежаровски веќе трет месец се наоѓа во притвор, поради, како што објаснија од Кривичниот суд, можноста за бегство, иако неговото семејство поднесе имотна гаранција.

Извор: Нова Македонија