Започна со реализација проектот Пристап до правда во Македонија

Со финансиска поддршка од Европската Унија, Фондацијата Отворено општество – Македонија во партнерство со Македонско здружение на млади правници – Скопје, Национален Ромски Центар – Куманово, Младински културен центар – Битола, Едукативно-хуманитарна организација ЕХО – Штип, ИЗБОР – Струмица и Здружението за граѓанско општество 8-ми Септември – Скопје започна со реализација на проектот Пристап до правда во Мaкедонија.

Започна со реализација проектот Пристап до правда во Македонија

Целта на проектот е да придонесе кон подобрување на системот на заштита на човековите права во земјата преку зајакнување на системот на бесплатна правна помош (БПП) и утврдување на слабостите во неговата имплементација.

Проектот се реализира во периодот февруари 2014 – август 2015 година, поддржувајќи ги наведените партнерски организации регистрирани за давање БПП во обезбедувањето на претходна БПП, со тоа зајакнувајќи ги нивните капацитети во системот на БПП.

– Eдна од главните активности на проектот е насочена и кон зголемувањето на свеста кај населението за постоењето и придобивките на системот на БПП и зголемено користење на истиот од страна на граѓаните, што ќе овозможи остварување на правдата за сите граѓани подеднакво, без разлика на нивните материјални можности. Исто така, проектот ќе им обезбеди правна помош на граѓаните на кои им е одбиено барањето за бесплатна правна помош.

– Дополнително, набљудувањето на системот на бесплатна правна помош „од внатре“ преку набљудување на примената на Законот за бесплатна правна помош, како и на судските постапки во кои се остварува бесплатната правна помош, ќе овозможи проектот да резултира и со конкретни предлози за подобрување на неговата ефикасност, квалитет и примена, се вели во соопштението.

Во рамките на проектот оперира и бесплатната СОС линија за бесплатна правна помош 0800 44 222, на која граѓаните може да се обратат секој работен ден од 08.30 – 16.30 часот, како и веб порталот www.pristapdopravda.mk, кој содржи и упатства и информации за вообичаените правни проблеми со кои се соочуваат граѓаните и им нуди можност да постават прашање или да добијат правна информација on-line.