Започна снимањето на краткометражниот игран филм „Вера“

На локација во Хотел Водно, денес започнува снимањето на краткометражниот игран филм со наслов „Вера“ по режија и сценарио на актерката Верица Недеска, соопшти Агенцијата за филм на Република Македонија.

Во филмот се раскажува за младата девојка Ника, која се наоѓа пред голема дилема: Дали да го роди бебето кое го носи или не? Да даде, или да земе живот. Тој ден ја среќава и заборавената актерка Вера, која сака да умре. Приказната на филмот отвора едно силно морално прашање за еутаназијата како и прашањето за преземање на одговорноста како индивидуа.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Сабина Ајрула и Симона Димковска, а останатата актерска екипа ја сочинуваат Александар Степанулески, Јовица Михајловски, Јасмина Василева, Ристо Стефановски и Верица Недеска. Кастингот на филмот ќе го потпише Драгана Милошевска Попова.

Авторската екипа е составена од: Димо Попов-кинаматографер, Жаклина Крстевска- костимограф, Анастасија Јордановска- шминка, Дејан Спасовиќ – сценограф и Гоце Миланоски – монтажер.

Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм и е копродукција помеѓу Стори Скоп, Фокус Покус Филмс и филмската академија ФИОФА од Охрид. Како продуцент на филмот ќе се потпише Дарко Попов.