Започна снимањето на филмот „Лазар“

Започна снимањето на долгометражниот игран филм на режисерот Светозар Ристовски со работен наслов „Лазар“. Првата клапа падна денеска на фудбалското игралиште „Металург“ во скопската населба Автокоманда.

Започна снимањето на филмот „Лазар“ Сценариото за филмот е на Светозар Ристовски и Грејс Лиа Троје, а неговата реализација е копродукција меѓу „Смол мувис филмс“ од Македонија, „МП Филмска продукција“ од Хрватска, „Гала филм“ од Бугарија и „Аризона продакшн“ од Франција.

Филмот е приказна за 25-годишниот Лазар и 32-годишниот Тони, чија тешка економска состојба ќе ги втурне во нелегалниот свет на шверцување мигранти. Набргу, сосема несвесно, тие ќе се претворат во луѓе кои најмногу ги презираат своите татковци. Жанровски, филмот е современа, психолошка кримидрама и се случува во популарно наречениот транзициски период во посткомунистичка Македонија, информира „Смол мувис“.

Поголемиот дел од филмот ќе се снима на територијата на Македонија, во Скопје, Штип и Демир Капија, но неколку дена ќе се снима и во Софија.

Главните улоги ќе ги играат Дејан Лилиќ, хрватскиот актер Ведран Живолиќ и Наташа Петровиќ, а во екипата се и Владо Јовановски, Тони Михајловски, актерите од Бугарија Красимира Кузманова и Александар Сано, хрватскиот актер Горан Навојец, Александра Балмазовиќ од Словенија.

Директор на фотографија е Дејан Димески, сценограф Игор Тошевски, костимографи Катерина Колимбатовиќ и Невена Чакловиќ.