Во рамки на проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување за младите” денеска започна програмата за кариерно советување чија цел е да им помогне на младите да станат поконкурентни на пазарот на трудот.
Програмата е наменета за млади лица со завршено средно образование кои имаат можност да искусат групна и индивидуална работа со експерти во полето.
Во склоп на овие сесии учесниците ќе добијат можност да направат детална самопроценка, да постават реалистични кариерни цели и да изработат индивидуален план за вработување со помош и поддршка од искусни ментори од CEED Hub Скопје.
„Личниот и професионалниот развој на младите е од клучна важност за развивање на едно напредно општество кое успешно ќе се справи со предизвиците на иднината. Токму затоа, сметаме дека оваа програма ќе им овозможи на младите да размислуваат надвор од конвенционалните рамки и подетално да ги истражат новите професии и можности на пазарот на трудот”, велат од CEED Hub Скопје.
Проектот го спроведува Националниот младински совет на Македонија во соработка со CEED Hub Скопје, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.
„Преку програмата за кариерно советувње како и останатите проектни активности остануваме посветени на нашата цел да создадеме подобри услови за професионален и личен развој на младите, како и нивна полесна транзиција од образовниот процес кон пазарот на трудот”, велат од НМСМ.
Пријавувањето за учество во останатите групи кои ќе бидат дел од програмата е сѐ уште во тек.
Сите заинтересирани млади лица можат да прочитаат повеќе околу програмата и да ја пополнат својата пријава на овој линк.