Започна полагањето на државна матура

Во сите средни училишта денеска се полагаше задолжителниот предмет од државната матура, односно македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература.

Според податоците на Државниот испитен центар, македонски јазик и литература полагале 10.730 кандидати, албански јазик и литература полагале 5.424 кандидати и 428 кандидати полагале турски јазик и литература.

„Испитниот материјал до сите училишта беше доставен навремено и согласно пропишаните правила и процедури.Испитот во сите училишта започна во определеното време и течеше без никакви проблеми“, велат од ДИЦ.

Во процесот на реализација на матурата во училиштата биле ангажирани околу 1.400 наставници – тестатори и 200 набљудувачи. Нареден ден на полагање е 9 јуни кога 2.335 кандидати ќе полагаат математика на 38 локации.

Државна матура годинава ќе полагаат вкупно 16.859 ученици, од кои 8.729 од гимназиско образование, 7.866 од средно стручно образование и 264 од средно уметничко образование, соопшти ДИЦ.