Започна петдневната Летна школа за бегалско право и миграции со студенти од 22 држави

Десетици студенти и професори денеска го проследија отворањето на Летната школа за бегалски права и миграција која ќе трае до 28 август, а е во организација на Центарот за бегалско право и миграции на Правниот факултет на УКИМ, УНХЦР и во партнерство со Меѓународниот институт за хуманитарно право од Санремо, Италија.

Темата на летната школа е насловена „Предизвици во време на пандемија“, а Ирена Рајчиновска Пандева од Центарот, која ја отвори програмата, посочи дека за време на петдневната интензивна програма, студентите, меѓудругото ќе имаат можност да проследат 17 предавања.

Деканот на Правниот факултет во Скопје, Горан Коевски потенцираше дека интересот за учество на школата бил голем, односно, пристигнале 240 апликации од 45 земји во светот. Коевски посочи дека ова подразбира дека не само што темата и идејата позади школата се навремени, туку и дека учесниците биле внимателно и конкуретно избрани, додавајќи дека тоа е нешто кое треба да им претставува гордост.

„Летната школа на некој начин е неочекуван исход од нашата работа и дел од нашата општа заложба за интернационализација на нашиот факултет и универзитет. Но, со организирање на оваа прва Летна школа, ние на Правниот факултет, ја потврдуваме нашата посветеност да ја продолжиме мисијата да едуцираме и обучуваме и да ја подигнеме свеста за важни и прогресивни работи“, рече Коевски.

Свое обраќање на отворањето имаше и ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски кој посочи дека Правниот факултет во изминатите години развивал и работел на проекти поврзани со бегалското право и миграцијата, додавајќи дека оваа школа е само еден од сегментите од активностите на Факултетот.

„Во име на Универзитетот, би сакал да потенцирам дека овие активности ја имаат нашата целосна поддршка, но и дека меѓународните настани како овој, се сметаат за многу значајни достигнувања кои не само што го промовираат Центарот за бегалско право и миграции, Правниот факултет, УКИМ, но, исто така и Северна Македонија“, посочи тој.

Еден од предавачите на летната школа ќе биде и Клаудио Делфабро кој посочи што точно работи Меѓународниот институт за хуманитарно право во Санремо, Италија.

„Да ви кажам нешто, што слушнав од еден бегалец. Заштитата на бегалците не е израз за тоа кои се тие, тоа е всушност израз на тоа кои сме ние. Заштитата на бегалците, мигрантите и други лица, не се однесува на хуманоста, се однесува на законите, правата и одговорностите, и се надевам дека оваа програма ќе може да ви овозможи основни знаења, но и вештини“, рече Делфабро.

Во текот на денот, учесниците ќе имаат можност да го проследат предавањето на професорката Ивана Крстиќ од Универзитетот во Белград на тема „Заштитата на бегалците во меѓународна рамка“, веднаш потоа и предавањето на Рајчиновска Пандева, која ќе зборува на тема „Конфликти, бегалци и миграциони текови“.

Исто така, пред студентите ќе зборува и професорот Сашо Георгиевски од Правниот факултет, на тема „Меѓународна заштита на бегалците во време на пандемија“.

М.К.