Започна осмото издание на Охридскиот хорски фестивал

Синоќа во Охрид свечено беше отворено осмото издание на Охридскиот хорски фестивал, кој се одржува со поддршка на општина Охрид. Членовите од 22 хорови од 11 европски земји кои се дел од годинешното фестивалско издание ги поздрави заменик-градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.

-Вас почитувани хористи од Словенија, Унгарија, Полска, Турција, Германија, Романија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Белорусија и Финска, вас пренесувачи на културата на вашите земји преку најстариот инструмент, човечкиот глас ве уверувам дека, охридскиот хорски фестивал е фестивал  со традиција и респект – рече Јанев.

Фестивалот има ревијален  и натпреварувачки дел кој опфаќа неколку категории. Пријавените хорови во наредниве фестивалски денови  ќе се претстават на натпреварувачките концерти, концертите на духовна музика, поп и фолк концертите.

Жири комисијата ја сочинуваат реномирани лица од музичкиот свет и тоа: Магдалена Липска (Полска), Аљоша Новаковиќ (Босна и Херцеговина), Запро Запров (Македонија), Дора Халас (Унгарија) и Дарина Чакарова (Бугарија).

Влезот за фестивалските ноќи што се одржуваат во   хотелот „Инекс Горица“ и црквата Св. Кирил и Методиј (католичка црква) е слободен, а за посетителите кои ќе го најават своето присуство подготвени се пригодни изненадувања. Фестивалот завршува во понеделник.