Започна Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“

На отворена сцена поставена во спортскиот центар „Ново Лисиче“ пред околу 1.000 гледачи вчера, со претставата „Лажговци во неволја“ од Ентони Нилсон во режија на Здравко Митков во продукција на Сатиричен театар „Алеко Константинов“ од Софија, Република Бугарија почна четвртиот по ред Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“.

Во осумте фестивалски дена, поточно до 26-ти јуни, публиката ќе има можност да види вкупно седум претстави од театри од земјава, но и од гостите од Бугарија, Србија и БиХ.

Вечерва, 20 јуни, на репертоарот е претставата „Атена со пенис“ од Александар Русјаков во режија на Синиша Евтимов во продукција на Драмски театар Скопје, Македонија.

Претставата се занимава со Виктор Велков (Рубенс Муратовски), просечен, средовечен македонски „шалабајзер“ и самоповикан гуру на турбофолк сцената. Виктор живее лесен, удобен и безгрижен живот, а ненадејната смрт на татко му и очекуваното наследство, ветуваат уште побезгрижни денови во иднина. Но, како што обично бива, на читањето на тестаментот работите добиваат сосема неочекуван тек. Обидувајќи се да извлече максимум од новонастанатата збунувачка ситуација, Виктор презема низа дејствија врз кои бргу губи секаква контрола…

Сите претстави почнуваат во 21:00 часот, а влезот за граѓаните е бесплатен.