Започна мапирањето за првиот регистар на нелегален отпад во Македонија

Со цел инспирирање на локален активизам и решавање на проблемот со нелегално фрлениот отпад во Македонија, „Ајде Македонија“ во соработка со своите партнери се зафати со развивање на сеопфатна база на податоци за локациите, видот и количеството на отпад преку организирано и синхронизирано мапирање. За таа намена беа создадени алатки за мапирање на нелегалниот отпад кои ќе бидат достапни на нивната веб страна и ќе им послужат на граѓаните, граѓанските организации,одговорните компании, локалните и национални институции да превземат свои иницијативи во врска со отпадот.

На веб страната (www.ajdemakedonija.mk) ќe биде овозможено граѓаните да дојдат до потребните алатки за извршувањето на мапирањето.

„Ние сме сигурни декa алатките за мапирање на отпад кои ги промовираме денеска ќе наидат на голем интерес од страна на сите општествени чинители, а Македонија ќе има регистар за нелегален отпад кој во секое време ќе биде достапен секому, без разлика дали е невладина организација, локална или национална институција. Со овој е-регистар ќе добиеме една целосна слика каква е состојбата на терен во Македонија“, вели претседателот на „Ајде Македонија“, Блаже Јосифовски.

Податоците добиени од регистарот ќе биддат искористени како информации на кои локации ќе се чисти за време на националната акција која граѓанската асоцијација ја планира за 3-ти октомври.