Започна караванот на „Мрдни со прст“, платформата ги повика граѓаните на акција за собирање храна

Граѓанската платформа „Мрдни со прст“ го стартуваше летниот караван, најави низа активности, а главен акцент ќе биде ставен на националната хуманитарна акција за собирање храна „Нахрани 10.000“, во соработка со платформата Сите Сити.

„Целта е на граѓаните да им се даде можност редовно да донираат храна за ранливите категории сограѓани, кои не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно“, рече на денешниот настан Ана Зафирова, поддржувач на платформата „Мрдни со прст“,

Блаже Јосифовски, координатор на мрежата „Сите Сити“, потенцираше дека првиот хуманитарен чин ќе се случи на 6 септември, кој ќе започне во 10 часот и ќе трае се до 19 часот. Амбицијата е овој настан да прерасне во континуирана едномесечна акција во 10 градови од земјава: Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Гостивар, Кочани и Виница. Дел од организациите што работат со бездомници, за нив се прават посебни пакети во согласност со нивните услови за живот. За изнемоштените лица, се носи храната до нивните домови.

„Секој месец ќе се случува настанот ‘Нахрани 10.000’. Сакаме да прерасне во редовна активност во која граѓаните ќе им помагаат на ранливите категории сограѓани, кои не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно. Храната е основно човеково право, а јас верувам дека македонските граѓани се хумани луѓе и дека безрезервно ќе ја поддржат оваа акција да донираат за нашите сограѓани, кои не можат да си приуштат повеќе од еден оброк дневно“, изјави Јосифовски.

Во апелот од организаторите се препорачува сите хумани граѓани да донираат храна, која не е лесно расиплива како: ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, супа кокошкина, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.

Според Државниот завод за статистика во Македонија имаат проблем да обезбедат храна 445,099 луѓе и во просек имаат по еден оброк дневно. Од друга страна, годишно во Македонија се фрлаат околу 12.000 тони вишок храна што претставува за околу 26.000 граѓани да имаат по три оброка дневно. Нејзината вредност се проценува на најмлаку 11.6 милиони евра што може да се искористи како нова програма за социјална заштита.

Од фондацијата „Чекор по чекор“ се обрати Мајда Јошевска, координатор на образовната програма, чии активности се предвидени утре на 24 август на тревникот до Офицерскиот дом во Битола во рамките на фестивалот АКТО.

„Целта на настанот ‘За сите во нашата заедница, од 1 до 101 година’ е да се зајакне соработката меѓу членовите на заедницата, невладините организации и институциите преку: развивање чувство за позитивен идентитет и припадност кон заедницата, за промовирање на меѓугенерациска комуникација и за промовирање вредности како што се емпатија, почит, одговорност и поддршка. Понатаму, за подигнување на јавната свест за теми од општ интерес како: важноста на раниот детски развој и улогата на семејството, важноста од вклучување во различни акции во заедницата и важноста на институционалната и семејната поддршка за ментално и физичко здравје и благосостојба на возрасните. Настанот е дел од АКТО Фестивал и ќе вклучува: Совети за здрави читачки навики, Играме, учиме и се забавуваме, Драмарама, Артивизам; Танцуваме заедно и Јога за смеење!“, изјави Јошевска.

Сите овие настани ќе кулминираат со голема целодневна дружба, која ќе се реализира во Градскиот парк во Скопје на 15 септември и ќе донесе спој на низа настани поддржани од „Мрдни со прст“. Платформата се создаде пред речиси две години и на овој голем финален настан програмски ќе биде заокружена со настан на 5 подиуми и колоритна интерактивна програма.