Работници од вчера почнаа да ги вадат плочките на шеталиштето на кејот 13 ноември, зад поставената заштитна ограда, каде ќе се изгради пристапната улица. Десетина угостители чии бизниси со години функционираат на кејот, се револтирани.
Тие велат дека им било ветено оти улицата нема да пречи на работата на нивните објекти, но според оградениот простор, улицата ќе поминува точно пред вратите на нивните локали.
Од општина Центар остануваат на ставот дека улицата не смее да се изгради. Оттаму апелираат изведувачот да ги сопре активностите, а градоначалникот Трајановски да го повлече одобрението за градба.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија го повика градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, да ја повлече одлуката и одобрението за изградба на сообраќајница на Кејот 13 Ноември.
„Изминатиот период донесовме една одлука како Општина Центар, каде што законски успеавме да ја спречиме изградбата на оваа улица, но сепак со измени на законот, Градот ни ги одзеде ингеренциите во тој дел“, изјави претседателот на општинската организација на СДСМ во Центар, Саша Богдановиќ.
Тој рече дека за понеделник е договорена вонредна седница на Советот на Општина Центар, на која, како што рече, ќе бидат преземени сите законски мерки за да се спречи да продолжи изградбата на спорната улица.
„Сакаме да апелираме и до инвеститорот, односно изведувачот на улицата, веднаш да престане бидејќи ќе се соочи со санкции. Го повикуваме и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, да ја повлече одлуката за изградба на оваа улица, односно одобрението за градба. Ако тоа не се случи, како Општина Центар ќе преземеме соодветни мерки“, рече Богдановиќ.
Но, од Кабинетот на градоначалникот Трајановски, реагираат на изјавата на Богдановиќ велејќи дека изнел невистини и манипулации. Тие велат дека немаа надлежност во однос на изградбата на улицата, туку Општина Центар.
„Градот Скопје сака да ја информира јавноста дека изградбата на оваа пристапна улица со посебен сообраќаен режим е предвидена со Детален урбанистички план донесен од Општина Центар, а истата ја гради приватен инвеститор. Повторуваме, Град Скопје не е институцијата која ја има вцртано оваа улица и Град Скопје не е таа која ќе ја гради. Градот Скопје, врз основа на валиден документ, детален урбанистички план, кој е донесен од страна на Општина Центар, е законски обврзан да издаде градежна дозвола за тоа“, се вели во реакција од кај Трајановски.
Оттаму велат дека доколку не го стореле тоа, Градот Скопје може да биде тужен од страна на инвеститорот и да сноси финансиски последици.
Инвеститорот „Дивелоп груп“ имаше обврска да изгради подземна сообраќајница, но во 2012 со промена на ДУП Мал Ринг, за време на претходното раководство во општина Центар, улицата стана надземна.
Во 2015 година Центар ги забрани сите градежни работи на кејот, но Град Скопје и ги одзема надлежностите со образложение дека улицата ќе биде со строг режим на сообраќај, наменета само за достава и за службените возила на Телеком.