Започна исплатата на субвенции за велосипед на Град Скопје

Град Скопје започна со исплатата на субвенции за велосипед. На сметката кај дел од граѓаните веќе стигнале парите што Град Скопје ги доделува за купување на нов велосипед.

Целта на субвенциите беше да се поттикнат граѓаните што повеќе да го користат велосипедот со цел да се намали загадувањето во градот.

Од градската администрација информираат дека исплатата е во тек, а во меѓувреме се обработуваат и останатите пристигнати барања. До кога ќе заврши целосната исплата на субвенции засега не се знае.

Повикот на Градот Скопје за надоместување дел од трошоците при купување велосипед беше објавен на 13 мај.

Оние граѓани чии барања беа прифатени ќе добијат рефундирање на 50 отсто од сумата што ја дале за да си купат нов велосипед, но не над 4.000 денари по лице. Конкурсот траеше до 20 јуни.

До Град Скопје пристигнале вкупно 2600 барања, со што се исцрпени средствата во износ од 10 милиони денари.