Петтиот по ред Интернационален литературен фестивал „Про-за Балкан“ синоќа беше отворен во галеријата Даут-пашин амам. На фестивалот кој го организира издавачката куќа „Икона“ учествуваат познати писатели од Балканот.
Годинава гости се авторите: Наташа Крамбергер од Словенија, Мурат Ѓулсој од Турција, Владимир Пиштало од Србија, Антон Баев од Бугарија, како и македонскиот писател Влада Урошевиќ. Специјален гостин на фестивалот ќе биде исландскиот писател Браги Олафсон.
Петти добитник на наградата „Прозарт“ за авторски придонес во развојот на книжевноста на Балканот е хрватскиот писател Миљенко Јерговиќ, еден од најзначајните писатели во регионот, кој беше гостин на првото издание на „Про-за Балкан“. Признанието ќе му биде врачено во вторник, 30 мај, на затворањето на фестивалот.
Во рамките на „Про-за Балкан“ и годинава ќе се одржи програмата „Скопје фелоушип“ во која гости ќе бидат тројца познати издавачи – Емануел Колас од Франција, Ненад Шапоња од Србија и Тамер Саид од Дубаи. Тие ќе имаат средби со писатели од Македонија и со членови на Македонската асоцијација на издавачи.