Започнa граѓанската акција „Заслужуваме подобро!“

Во Скопје и во повеќе градови во земјата започна со делување граѓанската акција „Заслужуваме подобро!“ со која самите граѓани се поттикнуваат да зборуваат за секојдневните проблеми и за итната потреба од подобар живот.

„Се работи за иницијатива на неформалната коалиција „Граѓаните за Македонија, која се темели на теренски разговори и директна комуникација со граѓаните. Во иницијаивата се вклучени повеќе од 200 граѓански активисти од 70-тина граѓански организации.

Ние веруваме во капацитетите на ова општество, во разумот на граѓаните и тргнувајќи од нашите права и потреби бараме итна промена на начинот на управување со државата во правец на обезбедување подобра живејачка и подобри услови во нашите градови и села.

Со нашите активности ќе ја пополнуваме празнината што се создаде меѓу акивностите на политичарите, договорот од Пржино и реалните барања и секојдневието на граѓаните. Ние, граѓаните, имаме право гласно и јавно да зборуваме за политиката, зашто нашиот живот и нашето секојдневие се политика. Нашиот глас е важен секој ден, а не само на денот на избори“, велат од граѓанската акција.

Според нив, Власта треба да одговара на нивните потреби и прашања без разлика дали има поддршка од нив. Тие велат дека политиката е на граѓаните и имаат право да ја критикуваат власта и од неа да бараат да биде подобра или да си замине.