Започна Државниот натпревар по информатика за средните и основните училишта

Во организација на Здружението на информатичарите на Македонија денеска во Скопје се одржува 25-от Државен натпревар по информатика за ученици од средните и основните училишта во Република Македонија.

Започна Државниот натпревар по информатика за средните и основните училишта

Настанот го отвори заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, која пред присутните истакна дека ИТ компаниите работат сè поуспешно, а професиите во оваа сфера, од година во година, стануваат се побарани и попотребни.

– Истражувањата и анализите покажуваат дека во наредните години, информатичката дејност ќе стане најбарана професија на глобално ниво. Доколку трендот на побарувачка продолжи со ова темпо, околу два милиони работни места за информатичари ќе недостасуваат во Европа до 2020 година. Затоа, треба постојано да бидете отворени за креативност, иновации, интеракција и учење, а вложувањето во себе, збогатувањето на талентот и вистинскиот сет на вештини се клучни за ваш напредок и успех, им порача на учесниците на натпреварот Арсовска Томовска.

Државниот натпревар по информатика се одржува на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, во чии рамки се организира и работилница на тема „Активности на Здружението на информатичари поврзани со наставни програми по информатика„ како и презентација на можностите за студирање на надарените ученици на ФИНКИ.

Пред присутните се обратија и деканот на ФИНКИ, Димитар Трајанов и претседателот на Здружението на информатичарите во Македонија, Миле Јованов.