Започна акцијата „Ран корморан“ за „Д Фестивал 2023“

Со акцијата „Ран Корморан“ започна продажбата на влезници за годинашното, тринаесетто издание на  фестивалот „Д Фестивал“, кој годинава ќе се одржи 30 јуни до 2 јули на традиционалната локација во Дојран.

„Овие билети со ‘Ран Корморан’ пристигнуваат со првата, најповолна цена од 1.100 денари или 1.200 денари доколку посетителите се одлучат за тридневните билети кои покрај целосната програма на фестивалот вклучуваат и место за кампување во Д-кампот“, велат од „Пасворд“.

„Ран Корморан“ влезниците се достапни само во ограничен број и можат да се купат најдоцна до 2 април, онлајн на веб страната на „МК Тикетс“ и во нивната продажна мрежа.

Инаку, за годинашниот „Д Фестивал“ веќе се во тек и повици за пријавување на учесници и тоа во три категории. Со овие повици сите заинтересирани имаат можност да го пронајдат своето место на фестивалот како волонтеримузички изведувачи или креативци . Најдоцна до 15 март, со пополнување на онлајн пријава секој има прилика да биде еден од избраните кои директно ќе бидат вклучени во создавањето на фестивалската магија на омилениот Д Фестивал.

„А магијата на ‘Д Фестивал’ е непобитна и втемелена во својата уникатност со 12 изданија досега исполнети со светски, регионални и домашни музички изведувачи и десетици илјади посетители сплотени во име на музиката, добрите пријателства и љубовта. Само минатата година над 15.000 посетители беа дел од богатата мултимедијална програма, која како учесници низ 15 фестивалски зони броеше повеќе од 100 музичари, уметници и активисти. Постојано рушејќи ги сопствените рекорди, ‘Д Фестивал’ цели кон нови и уште поголеми остварувања ова лето, а наскоро ќе бидат објавени и првите изведувачи од програмата, задолжени за највозбудливото фестивалско доживување“, соопштува „Пасворд“.