Започна 54. издание на Струшките вечери на поезијата

Со традиционалното читање на песната „Т`га за југ“ пред Домот на поезијата во Струга денеска започна 54. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата. Претходно, во чест на лауреатот, кинескиот поет Беи Дао беше засадено дрвце во Паркот на поезијата.

Струга по 54. пат е претстолнина на поезијата, а фестивалот ќе се одржува пред Домот на поезијата и на отворени сцени во Струга. Истовремено поетски читања, „Поезија на пат“ ќе има и во Охрид, Ресен, Битола и Скопје.

По свеченото отворање во предворјето на Домот на поезијата ќе се одржи меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.

На фестивалската програма предвидени се поетски читања на учесниците од платформата „Версополис“ и традиционалните „Ноќи без интерпункција“.

Поезија ќе читаат и поетите од потесниот избор на наградата „Браќа Миладиновци“, чиј добитник ќе биде прогласен в сабота на прес-конференција. Во честа на јубилејот „50 години Златен венец“ ќе има поетски портрет на Адонис, лауреат во 1997 година.

На 54.Струшки вечери на поезијата ќе учествуваат 44 поети од 29 земји. Престижната награда на Беи Дао ќе му биде врачена во недела, на традиционалното поетско читање „Мостови“.