Заостануваат мерките против загадувањето – ЕУ со куп критики за секторот животна средина

Земјата е на одредено ниво на подготовка. Остварен е ограничен напредок во областа на заштитата на природата, цивилната заштита и климатските промени, но, сепак, спроведувањето во сите сектори сè уште заостанува, стои во новиот Извештај на Европската комисија (ЕК) за С. Македонија, каде посебно е анализирано поглавјето 27.

ЕК дава отворени критики кон бавните реформи на земјава за заштитата на животната средина, сектор што екс-евроамбасадорот Самуел Жбогар на повеќе пати го окарактеризираше како „најопширен и најскап“.

Комисијата потенцира дека административниот капацитет на сите нивоа останува слаб, а финансиските ресурси сè уште не се доволни за спроведување на постојното законодавство. Бавен е напредокот во програмата за намалување на воздухот, недостасува одговорност за загадувачите, додека усогласувањата за климатските промени се во „рана фаза“. Исто така, законот за инспекција на животната средина допрва треба да се донесе, исто како и законите за управување со отпад.

Еко-активистката Невена Георгиевска вели дека извештајот го кажува она што „02 Иницијатива“ го потенцираат веќе неколку години.

„Никаков напредок, стоиме и тапкаме во место, глумиме активности низ планови, но суштински се сведува само на мачкање очи или ПР дека нешто се работи. Многу важни закони кои треба да се усогласат со Европската регулатива не се ниту во почетни фази. Извештајот го потенцира токму она што сите ние го гледаме: немање кординација и меѓусекторска соработка, а што всушност е само оправдување за несработеното и отсуство на каква било одговорност. Средствата кои се одвојуваат за справување со загадувањето без дилема треба да бидат зголемени и тоа го прецизираме секоја година при носење на годишниот буџет. Се обидуваме да укажеме дека висината на издвоени средства во однос на сериозноста на проблемот со кој се соочуваме е срамно ниска“, потенцира Георгиевска од „02 Иницијатива“.

За воспоставувањето на систем за управување со отпад, не само што доцниме како што се вели во извештајот, туку според активистката и назадуваме.

„Во фаза сме на неконтролирано создавање диви депонии – сметилишта. Национален спорт ни станува кој колку повеќе ѓубре ќе создаде зад себе и колку побрзо ќе се наполни веќе исчистена дива депонија бидејќи недлежните едноставо одбиваат да инвестираат во камери или чуварски служби“, вели Георгиевска.

Она што треба да го сфатиме сите како држава, минимизирање, потценување и одлагање на решавањето на проблемите поврзани со загадување, заштита на животна средина и климатските промени – не само што имаат директни последици по здравјето на граѓаните, вели таа, туку повлекуваат и огромни финансиски штети и последици кон она што го оставаме во наследство на идните генерации.

Од протест пред Собранието

„Мора да се сопре користањето на фосилни горива и да се направи долгорочна стратегија за да се премине кон енергетски систем од обновливи извори. Мора да се интензивираат активностите и да се зголеми ефикасноста во носење на целосна законска регулатива, да се направат корекции и да се подобри постоечката регулатива, јасно да се дефинира одговорноста и санкционирањето, и конечно ефикасно да се спроведува на терен“, потенцира Георгиевска.

Според истражувачот, активист и професор Иво Босилков, кога од ЕУ ни велат дека сме многу поназад од нивната агенда и стандарди, а дури ни самата ЕУ не прави доволно за да се оствари декарбонизација во потребниот рок, смета тој, тогаш јасно е колку неодговорно делуваат нашите власти.

„Во однос на сите точки од животната средина од Брисел ни укажуваат на тоа колку малку средства вложуваме за надминување на проблемите, колку нема план и координација. Жаргонот на ЕУ е секогаш умерен и дипломатски, и кога дури и во него разочарувањето од постигнатиот напредок се препознава, сфаќаме колку е очајна состојбата“, вели Босилков.

За влада која целата државна стратегија ја базира на членство во ЕУ, дополнува тој, извештајот е поразителен, затоа што покажува дека нивната посветеност на евроинтеграциите е само декларативна.

Поглед од Водно кон Скопје

Свој коментар за извештајот имаат и од организацијата „Еко-свест“. Елена Николовска пишува дека ЕК со право забележува дека постои потреба од подобрување на пристапот до информации, учество на јавноста и консултирање во процесот на носење на одлуки од значење за животната средина и климата.

„Институциите треба да бидат повеќе транспарентни и на најсоодветен начин да ги вклучат и информираат граѓаните кога станува збор за носење и имплементирање на политиките во овие сектори“, анализира Николовска од „Еко-свест“.

Според организацијата, меѓусекторска соработка недостасува и во сите други области во поглавјето 27, не само со загадувањето на воздухот. Сметаат дека е повеќе од потребно сите институции да имаат обучено и стручно лице кое ќе биде посветено на соработката со другите институции во справување со итни теми како аерозагадување, климатски промени, заштита на биодиверзитет.

Иако сме земја со изобилие на водни ресурси, пишува Николовска, ние сѐ уште лошо ги управуваме и дозволуваме да им се намали квалитетот или целосно да ги загубиме.

Каменичка река

„Секторот води е и еден од секторите ранливи на климатски промени и ние мораме брзо да ги алармираме сите институции за лошата состојба на водите во земјата и да започнеме интерсекторски пристап кон управување со водните ресурси кој ќе значи долгорочен план со јасни чекори и мерки. Тука се надоврзуваат и забелешките во секторот природа каде мора да има посилна иницијатива и сериозен пристап во имплементација на политиките и законите, особено кога станува збор за спас на трите природни езера и реките во земјата“, пишува Николовска.

Во извештајот во делот за квалитетот на води стои дека е постигнат „ограничен напредок“ и преземени се чекори за обезбедување средства за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје.

Понатаму, постигнат напредок во мапирање на природните живеалишта и идентификување на потенцијалните места на NATURA 2000. Подготвени се студии за валоризација и планови за управување за неколку заштитени подрачја, но сè уште недостасува долгорочно финансирање. Развиена е национална „црвена листа“ за водоземци и влекачи и утврден е статус на конзервација за 46 видови.

„Преземени се неколку чекори за спроведување на заклучоците на УНЕСКО за природното и културното наследство на регионот на Охрид. Сепак, сè уште се потребни значителни напори, особено за да се спречи да се најде на листата на светско културно наследство во опасност“, се вели во Извештајот.

На брег на Охридското езеро

Понатаму, ЕК нотира дека квалитетот на студии и процеси на јавни консултации, особено за проекти поврзани со хидроенергија, рударство и инфраструктура, треба дополнително да се подобри. Постигнат е одреден напредок во однос на INSPIRE и директивите за еколошки криминал, но ниту еден не е постигнат во областа на еколошката одговорност.

Бројот на надминувања на загадувачите останува далеку над границите на ЕУ и загадувањето на воздухот е големо во поголемите градови во текот на зимата. Малку градови имаат подготвено план за квалитет на воздухот, но темпото на нивно спроведување треба да се зголеми.

„Исто така, економските стимулации за промовирање на рециклирање и спречување на создавање отпад остануваат ограничени. Не постои системски пристап за санација на жариштата во животната средина“, стои во извештајот.

Бојан Шашевски