Собирам пластика и картони да го прехранам семејството, живееме во депонија, децата често се разболуваат, а сега и од ова место ќе нѐ иселат и ќе спиеме под мостови.
Вака ја започнува својата исповед за Радио МОФ, Ферди Идризов кој со своето семејство живее во поранешниот дом за сместување бездомни лица „Ранка Милановиќ“. Иако зградата е во очајна состојба, досега никој не презел одговорност да ги извлече десетиците семејства кои живеат таму, од магичниот круг на сиромаштија. Според нивните наводи институциите никогаш не презеле конкретни чекори за подобрување барем на хигиенските услови во домот, но се нивни редовни гости во предизборните кампањи или кога треба да им дадат ветувања, чија реализација, велат вечно ја чекаат.
Во меѓувреме семејството Идризови кое е деветчлено семејство живее во соба од скоро 20 квадрати, без струја и вода, а околу насекаде има депонија која никој не ја чисти, ниту некој доаѓа да го собере отпадот. Жителите на оваа зграда главно живеат од собирање на пластика и картони, а голем број деца не посетуваат настава и се вклучуваат во работа со цел да им помогнат на нивните родители да дојдат до заработувачка и да го преживеат месецот. Госпоѓата Идризова ни откри дека нејзините деца често се разболуваат поради дишење на отпадот, загадената вода и неисчистениот оџак во зградата и дека сите средства од социјалната помош ги користи да им купи лекови.
Во рамки на зградата има бунар, од која населението користи вода, најчесто за пиење, но таа вода велат никогаш не е испитана, дали воопшто е бактериолошки исправна, ниту бунарот е покриен, па во таа дупка се фрла сѐ и сешто и претставува небезбедна зона за дечињата кои често се играат надвор. Освен населението во зградата, во оваа место доаѓаат и за нив непознати луѓе за кои велат дека им го нарушуваат мирот и домувањето, нивниот идентитет не им е познат, но кога ќе пријават загрозување на сигурност во полиција, полицијата веќе не реагира на нивните пријави. Тие остануваат целосно незаштитени и ниту една институција не презема одговорност во рамките на своите надлежности да им ги гарантира правата и достоинствениот живот на ова група граѓани.
Занемарување, негрижа или криминално дејствување на институциите?
Во домот „Ранка Милановиќ“ кој се наоѓа на територија на општина Гази Баба живеат стотици граѓани. Тоа е урбана средина на Скопје, која дневно ја минуваат илјадници граѓани. Околу масовно и експресно се градат огромни згради, објекти за домување, трговски центри со естетика на изобилство. Семејствата кои живеат во домот секојдневно се движат во истите кругови, како и другите граѓани, но од нив, скоро сите вртат глава, ја смируваат својата совест со тоа што им припишуваат различни етикети кои имаат за цел да ја префрлат одговорноста за таквиот начин на живот на самата жртва. Освен граѓанската несолидарност, најзагрижувачки е игнорантниот однос на надлежните институции на социјална заштита.
Во држава каде има Закон за социјална заштита, Европска конвенција за заштита на правото на детето, како и Европска конвенција за заштита на човечковите права, недозволиво е голем број деца да живеат во субстандардни услови, во депонија, кои немаат елементарни услови да го остварат своето право на пристојно живеалиште и кои едвај преживуваат. За овие деца, не е само ризик изгладнувањето, туку и јануарскиот студ за кој не се подготвени бидејќи немаат топла облека, опасност од пожар во незаштитената зграда, ризик од чести белодробни инфекции од патогените кои ги испушта процесот на распаѓање на околниот отпад. Но засега ниту Центарот за социјална работа, надлежното Министерство за социјална политика, демографија и млади, ниту локалната самоуправа не презеле ништо за заштита на овие деца.
Водејќи се од административните изговори дека, за постапување е потребна пријава, институциите целосно ја пропуштаат суштината на своето дејствување додека се занимаваат со мултиплицирање на унифицирани, шаблонски одлуки и решенија. Во вториот дел од сторијата ќе се занимаваме со тоа кои институции се надлежни за примена на законските решенија, колку и дали воопшто постапувале во случајот на семејствата, особено на децата во рамките на домот Ранка Милановиќ и зошто овој очигледен проблем, кој секој може да го види со своето голо око, се секундаризира. Нашата задача ќе биде да ви откриеме на што институциите за социјалната заштита сите изминати години давале приоритет, дали прекршиле законот кој ги обврзува на дејствување, но и кој треба да се повика на одговорност за тоа што деценискиот проблем на занемарување, кршење на човековите права, непостапување на институциите во рамки на своите надлежности предизвикало единствено „замаглување на лицата на сиромаштијата“ како единствено решение што тие имале да го понудат.
За Радио МОФ – Магдалена Стојмановиќ – Константинов








