Законски измени за поголеми права и помали административни бариери за лицата со попреченост

Воведување на правото за персонална асистенција, додаток за туѓа нега без оглед на приходите во семејството, укинување на конзилијарното мислење се дел од законските измени со кои ќе се подобрува животот на лицата со попреченост. Како што најави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска на денешната средба со здруженијата и родителите на лица со попреченост, ќе се носи нов Закон за социјална заштита, со кој ќе унапредуваат правата и отстрануваат административните бариери.

„Важно е да работиме на изградба на систем. Не само да работиме на гаснење на пожари и интервентни мерки. Видовме дека со брзи мерки не се постигнуваат вистински системски решенија. До крајот на 2018 година мора да донесеме нов Закон за социјална заштита што ќе значи групирање на права и сосема нов однос кон лицата кои се засегнати“, изјави Царовска.

Со законските измени за првпат ќе се воведе персоналната асистенција, вработат персонални асистенти и ќе бидат ставени на услуга на граѓаните со попреченост. Втората измена се однесува на правото на туѓа нега, слепило, мобилност и глувост, кои ќе важат за сите, без оглед на месечните приходи во семејството. И лицата со умерени пречки ќе можат да остварат правото на туѓа нега, а се трга границата од 26 години за децата со попреченост чии родители добиваа надоместок за скратено работно време.

Со новите измени се укинува потребата од барање конзилијарно мислење и наместо тоа, првостепената комисија ќе ги посетува граѓаните во домашни услови и по претходна дијагноза или отпусно писмо од болница тие ќе го остваруваат правото на туѓа нега. Новина е и тоа што веќе ќе нема потреба секоја година да се понесуваат документи за продолжување на посебниот додаток за децата со посебни потреби, туку ова ќе се прави по автоматизам.

Според Благица Димитровска, претседателка на здружението Инклузива, важно е да се изедначат правата на биолошките и згрижувачки семејства, бидејќи првите тешко добиваат помош од државата. Таа побара додаток за мобилност да добиваат и лицата со интелектуална попреченост, без разлика на тоа дали се во количка. Битно барање на невладините е и отворање социјални сервисни пунктови на местото на живеење на лицата кои имаат пречки во развојот.

На средбата со министерката своите барања ги кажаа и родителите на децата со попреченост, како Горан Стојчевски.

„Да ги избркате социјалните работници надвор од канцеларија. Да ни дојдат дома, да видат како живееме, кои ни се условите, кој е вработен, кој е во згрижувачко семејство, и дури тогаш да се направи тој закон“, побара тој од Царовска.

Сите се согласија дека им е потребна поголема достапност до информации, како и детално појаснување на правата на лицата со попреченост и нивно поставување на веб страницата на Министерството.

Според Светската здравствена организација 10-15 отсто од вкупната популација се лица со попреченост. Во Македонија нема статистика колкав е овој број, забележуваат од „Инклузива“.

Ј.Ј.