Законски измени во Италија за храната наместо во отпад, да завршува кај гладните

Италија преку законски измени и различни мерки се обидува да ја намали огромната количина храна која завршува во отпад секоја година.

Законот е поддржан од 181 сенатори и е насочен кон намалување за еден милион од проценетите пет милиони тони храна која завршува во отпад секоја година, пишува Би-Би-Си.

Според надлежните, отпадот на храна го чини италијанскиот бизнис и домаќинства повеќе од 12 милијарди евра секоја година.

Проблемот не е ограничен само на Италија. Според проценките на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (ФАО), третина од храната во светот завршува во отпад – однос кој достига и до 40 проценти во Европа.

„Храната која во моментов завршува во отпад во Европа може да нахрани 200 милиони луѓе“, велат од ФАО.

Ова не е прв пат Италија да биде проактивна по прашањата на глад и храна. Врховниот суд пред три месеци пресуди дека кражба на мали количини храна за да се избегне гладот не е казнено дело.

До сега бизнисите наидуваа на пречки да го намалат отпадот од храна, поради нарушување на законите за безбедност во донирање храна која минимално го поминала рокот на траење, но и сложените процедури од оваа област. Новите измени во законот ги отстрануваат овие пречки.

Приватните бизниси ќе можат да ги пријавуваат донациите преку едноставни формулари секој месец и нема да имаат санкции за давање на храна која го поминала препорачаниот рок на употреба.  Колку повеќе ќе даваат во добротворни цели, толку помалку ќе плаќаат данок. Фармерите ќе можат да ги дадат непродадените производи во добротворни цели, без трошоци.

Ставовите во јавноста се дека овој приод кој го воспоставува Италија го наградува доброто, наместо да го казнува лошото однесување.