Законот за високо образование – голема главоболка за професорите

Измените на Законот за високо образование кои се прават по брзи постапки, без консултација со академската заедница, се директен упад во автономијата на универзитетите и обид за контрола на власта врз академската заедница, обвинуваат од Здружението за заштита на академските права „Vox Academica“.

Законот за високо образование – голема главоболка за професорите

Последните измени на законот беа донесени без претходна дебата со пошироката академска јавност и според професорите тие му даваат огромна моќ на министерството за образование. Професорката Мимоза Ристова од Институтот за физика, вели дека на секој член од законот може да му се најде одреден дефект или контрадикција сам со себе но и противуставност.

Законот за високо образование – голема главоболка за професорите„Законот на министерот за образование и наука му дава можност за акумулација на функции, тој може да биде и министер и претседател на некои комисии кои му се доверуваат. Диктираат која материја ќе ја предаваме од какви учебници ќе предаваме, кои предмети ќе ги вметнеме…Ние ќе дојдеме до таму што ќе мораме да ги испраќаме добрите студенти од своите примања на задолжителна мобилност во странство. Овој безмилосен закон кажува дека од партиципацијата на студентите, од средствата со кој располага секој факултет, треба да се финансира научната работа. Тие деца треба да плаќаат за ние да истражуваме“, вели Ристова.

Според неа, со ваквото микроменаџирање во високото образование, директно се посега по автономијата на универзитетите и тие стануваат зависни од власта, која станува нивен шеф.

„Обврските и казните се методи на казнено поставен систем и дел од кривичното право, а не во регулирањето на една високо образовна функција. Усвојување на закон кој е рамка на апсолутна контрола врз високото образование од еден управен центар е спротивно од принципите на еден слободен пазар на добра и на идеи и на демократски принципи“, додава Ристова.

Професорите сметаат дека носењето на измените со брзи постапки во Собранието, без покана за дијалог до академската заедница се апсурдни.

Законот за високо образование – голема главоболка за професорите„Неумесно е да се носи закон на таков брутален начин со кој покажувате дека не ја цените другата страна, со оглед на брзата постапка по која беше усвоен законот, иако има членови кои се уште се во постапка пред Уставниот суд. Законодавецот можеше барем да се одважи и да ги повика оние кои имаа забелешки и како партнери во процесот да направи дијалог со нас“, вели професорката Билјана Секуловска-Габер од Економскиот факултет за Радио МОФ. Според неа, измените на законот од една страна се залагаат за висок квалитет а од друга страна прават невидена девалвација на високото образование.

„Неосновано е со членови во закон да регулирате што ќе се учи и со кого ќе се соработува, тоа претставува директен упад во автономијата која ја имаат универзитетите“, додава Секуловска-Габер.

Првите измените на законот за високо образование ги протурка претходниот министер за образование и наука, Никола Тодоров, што наиде на бура од реакции кај универзитетската заедница и протести од страна на професорите. Неодамна, новите измени на законот кои експресно се усвоија во Собранието ги поднесе министерот за образование и наука, Панче Кралев, заради исполнување на обврските од Букурешкото Коминике (2012) кои се однесуваат на зајакнување на соработка со стопанството и исполнување на препораките од Болоњскиот процес.

Со последните измени, секој Универзитет има обврска да склучи најмалку два договори за соработка со некој од првите 500 рангирани универзитети согласно Шангајската листа, односно 100-те најдобро рангирани по МБА програмата или еден од првите 200 најдобро рангирани универзитети од соодветното научно подрачје, согласно Шангајскиот Џио Тонг универзитет, US News and Report и Times Higher Education Supplement- World University Rankging.

Еден од доказите дека Владата сака да има контрола врз универзитетите,според професорите е обврската сите факултетите да доставуваат податоци за базата на податоци која ќе ја води министерството, што значи дека тоа ќе има увид во секојдневниот живот на академската заедница. Начинот и постапката за водење на базата на податоци ќе ја пропишува министерот за образование. Измените ги уредуваат и финансиите на универзитетите и налагаат 40% од нивниот буџет да се користи за инвестирање во научно-истражувачките проекти и го ограничува бројот на студенти на кој еден професор може да биде ментор за магистерски трудови на 12 годишно. Казните за професорите кои нема да го почитуваат законот може да достигнат и до 5000 евра.

Кристина Озимец