Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира против Предлог-законот за верски училишта објавен на Единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР), сметајќи го за противуставен, правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата и за институционализација на верското образование во системот на формално образование. Предлогот е, велат оттаму, спротивен на Уставот и на Законот за средно образование.
„Слободата на верските заедници да основаат верски училишта е загарантирана со чл. 19 од Уставот, но овие училишта можат да бидат исклучиво од верски карактер, а не од редовен гимназиски, стручен или уметнички тип. Дополнително, чл. 22 од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група дозволува основање верски образовни установи од сите степени освен основното образование, исклучиво за школување на свештени лица и верски службеници. Овој закон претставува lex specialis и не може да биде дерогиран со нов закон. Оттаму, не може верските училишта да се третираат како редовни средни училишта со право за упис на секој факултет“, појаснуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Одлуката на Уставниот суд У.бр. 182/2021 објавена на 29 мај 2024 година, додаваат оттаму, потврдува дека системот на верско образование мора да биде целосно одвоен од граѓанското образование и дека секој обид за нивно мешање претставува повреда на уставниот принцип на секуларност и одвоеност на државата и верата.
Законот за средно образование (чл. 7) пак, изречно забранува верско организирање и дејствување, организирање на верско образование, како и истакнување верски обележја во средните училишта, посочуваат од Мрежата.
„Законодавецот направил јасна разлика помеѓу редовни и специјализирани училишта, каде што вторите се наменети исклучиво за задоволување на внатрешни потреби на верските заедници“, истакнуваат оттаму.
Дополнително, како што велат од Мрежата, предлог-законот не содржи механизми за надзор, санкции или контрола. Не е утврдено кој ќе биде надлежен за негово спроведување, кој ќе следи дали се почитуваат предвидените одредби и кој ќе изрекува мерки во случаи на прекршувања. Исто така, додаваат, се отвора можност верските училишта да добиваат средства од државниот буџет, додека контролата на трошењето да ја имаат самите верски заедници.
„Членот 4 од предлог-законот предвидува верските училишта сами да издаваат јавни исправи врз основа на свој статут, што е спротивно на постојните правила каде формата и содржината на свидетелствата се утврдени од Министерството за образование и наука. Прашањето за еквиваленција на таквите дипломи останува нерешено.
Законскиот текст се повикува на засебност и автономија на верските училишта, но паралелно бара нивно изедначување со државните училишта во однос на правата на учениците. Ваквиот пристап е контрадикторен и правно неизводлив“, образложуваат од Мрежата.
Според нив, членот 6 став 2 не утврдува јасни критериуми за наставен кадар, туку остава правна празнина во однос на тоа кој може да предава религиозни содржини. Исто така, постои правна неусогласеност меѓу член 7 став 8 и став 11, што создава недефинирани односи помеѓу основачот и Министерството во однос на верификација на наставниот план. Членот 11 е особено спорен бидејќи овозможува државна матура како услов за упис на секој факултет, додека во исто време дозволува и запишување на верски факултети без положување на матура.
„Оваа двојна регулација отвора простор за злоупотреби, нерамноправност и институционална дискриминација“, нагласуваат оттаму.
Мрежата за заштита од дискриминација бара итно повлекување на Предлог-законот и повикува Владата да се придржува до уставниот принцип на секуларност.
„Усвојување на ваков закон претставува сериозно отстапување од демократските и граѓански вредности и директна закана за правата на учениците и интегритетот на образовниот систем“, заклучуваат од Мрежата.