Обединет Балкан за чист воздух: Треба да знаеме што дишеме, неопходни се точни и транспарентни податоци

Граѓаните на Западен Балкан имаат право да ги знаат нивоата на загаденост на воздухот и да бидат информирани за секоја промена што ќе се случи, тоа е исто толку важно како и метеоролошкото известување, а тие податоци мора да бидат навремени и лесно достапни, велат од учесниците на кампањата „Обединети Балкан за чист воздух“.

Тие посочуваат дека и покрај напредокот во воспоставувањето мрежа на мерни станици за квалитет на воздухот на Западен Балкан, сè уште има недоволна територијална покриеност.

„И во урбаните средини недостигаат информации за некои загадувачи, особено за фините честички ПМ 2,5, една од најопасните материи. Иако податоците се релевантни за населението само ако се достапни секој час, многу мерни станиви во регионот објавуваат податоци со задоцнување. Повеќето земји во регионот немаат прецизен список на извори и количества на емисии на загадувачки материи. Без тоа, и сериозни инвестиции во мерните станици, не може да се спроведат правилни чекори за подобрување на квалитетот на воздухот“, додаваат од „Обединет Балкан за чист воздух“.

Тие потсетуваат дека Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија се согласија за Зелената агенда за Западен Балкан во ноември 2020 година со потпишување на Софиската декларација, која ги дефинира обврските на земјите од регионот за подобрување на мерењето и известувањето и отвори пат кон фондовите на Европската Унија.

Според нив, јавниот притисок останува клучен за подобрување на системот за мерење и остварување на правото да се биде информиран за нивото на загаденост на воздухот.

Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ беше иницирана од Европскиот фонд за Балканот во партнерство со следните организации: Еко Форум од Зеница, Институт за територијално управување со животната средина од Тирана, Сбункер и Балкан Грин Фондација од Приштина, AirCare од Скопје, ОЗОН од Подгорица, Регулаторниот институт за обновливи извори и животна средина и Отворено училиште Белград од Белград.