Отстранување на сторителот од домот, без оглед на сопственоста до конечната одлука на надлежниот суд е една од понапредните новини во новиот предлог закон за семејно налиство, но во исто време, законот не нуди решение за справување со постагресивното однесување на сторителот и намалување на ризиците по здравјето и животот на жртвите од семејното насилство, сметаат од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Македонија е земја со висока стапка на семејно насилство и има вистински недостаток на сервиси за сторители. Во целата земја постои само еден сервис (02/3215-905) кој што работи на третман на сторители во Скопје. Предвидената нова мерка за отстранување на сторителот од домот не нуди ниту решенија за регулирање на неговото движење поради нејасноста на законот во делот на неговото вдомување по отстранувањето од домот.
Од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство велат дека ги поздравуваат напорите на државата за унапредување на заштитата на семејното насилство, но најодговорно тврдат дека во практика не постои сеопфатна заштита на жртвите од семејното насилство.
Повикуваат да се направи тестирање на системот за да се увиди дали во Македонија постојат социјални институции коишто ќе понудат помош на жртва во попладневните, вечерните или ноќните часови кога и најчесто се случува семејното насилство.
Последното истражување покажува дека за целата популација стапката за сите видови семејно насилство е 37 отсто, односно секој трет граѓанин трпи некаков вид семејно насилство. Ова укажува дека семејното насилство е еден од водечките социјални проблеми во земјата којшто треба сериозно да се третира со сериозни финансиски инвестиции од државата, поддржани со ефективни мерки на хартија.
Во Националната мрежа и се лути на претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Собранието, Лилјана Поповска, зашто ниту една невладина организација, не била поканета и вклучена во работната група за креирање на новиот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство.
Елена Димушевска, извршен директор на национална мрежа против семејно насилство, вели дека ниту еден од донесените заклучоци на првичната јавна расправа не биле испочитувани, па невладините организации писмено побарале Поповска јавно да ја објасни причината за непочитување на препораките од законодавниот дом.
– Не добивме никаков одговор на писмото, а исто така без никаков одговор останаа и сите наши понатамошни напори да бидеме дел од дебатата и креирањето на новиот закон. Едноставно бевме исклучени од целиот процес – додава Димушевска.
Национална мрежа која што се состои од 27 организации кои работат на семејното насилство, сепак била поканета на 10 јули 2014 година да учествува на едночасовен форум.
– Присуствуваме на овој едночасовен форум, кој што сметаме дека е апсолутно недоволен за сеопфатна и суштинска дебата за предизвиците поврзани со превенцијата од семејно насилство коишто не ги адресира новиот предлог закон – вели Елизабета Божиновска, координатор во Првиот семеен центар на град Скопје (ПСЦ).
Според ПСЦ, на едночасовниот форум им биле дадени ветувања дека ќе бидат повикани во работната група при дискусиите за предлог дополнувања и измени во новиот закон, но ниту ова ветување не било испочитувано.
– Но и покрај тоа, ние подготвивме детални коментари кон членови во законот кои беа испратени до одговорните лица бидејќи сметавме дека тоа е наша одговорност како Национална мрежа – изјави Божиновска и додаде дека на првото читање на законот на 27 август 2014 година констатирале дека ниту една суштинска забелешка и предлог на невладините организации не биле прифатени.
Извор: Плусинфо