Законот за мигрантите утре на дневен ред во Собранието

Собранието на Република Македонија утре ќе одржи пленарна седница на која единствена точка на дневниот ред ќе биде предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за азил и привремена заштита, по скратена постапка.

Со законските измени, мигрантите на влез во државата ќе може да се пријават кај полицијата и со тоа да добијат период од 72 часа за слободно да се движат низ земјавата, време во кое или ќе побараат азил или ќе ја напуштат државата.

Ова значи и дека тие ќе може да го користат јавниот превоз и нема да мора да пешачат стотици километри, да се изложуваат на опасност на пругите и патиштата, а ќе бидат и позаштитени од криминалните групи.

Вчера било формирано и координативно тело составено од министрите за внатрешни работи, надворешни работи, труд и социјална политика, здравство и за локална самоуправа, кое ќе ги следи состојбите на дневна и неделна основа и ќе предлага преземање мерки за решавање на проблемите поврзани со транзитирањето на мигрантите низ земјава.