Законот се менува за построга владина контрола врз универзитетите

Со измените во Законот за високото образование, кои се носат по скратена постапка и без присуство на опозицијата во Собранието, владата воспоставува построга контрола врз универзитетите, пишува денешен Дневник.

Со овие измени, кога министерот надлежен за работите на високото образование ќе утврди дека високообразовната установа работи спротивно на овој закон, а не ги отстранила недоследностите во одредниот рок, донесува решение за привремено запирање со работа. Со новиот закон ресорниот министер има право и да укине одлука на Одборот за акредитација и евалуација и да ги казни членовите ако е спротивна на законот.

Основање факултетски одбори за соработка и доверба со јавноста, национален совет, зајакнување на мониторингот на вршењето дејност, обврзување на универзитетите да праќаат студенти и професори на академски престој на светски универзитети, зајакнување на критериумите за станување ментор на магистерски студии, можности за паралелно студирање, потпишување соработка со високорангирани светски универзитети, контрола на трошењето на парите од партиципација се некои од предизвиците со кои во иднина треба да се соочат високообразовните институции.

Дневник дознава дека министерот Панче Kралев завчера имал неколкучасовна маратонска средба со ректорите на универзитетите, на која се преговарало за олеснување или за исфрлање на некои од новите мерки предвидени со законот. Вчера, пак, УKИМ одржал Ректорска управа, меѓутоа повеќето декани не беа расположени за коментар на измените.

И универзитетските професори не сакаа да ги коментираат измените бидејќи се уште не ги виделе. Некои од нив, пак, само кратко и анонимно велат дека ова е преголема контрола од државата во работата на високообразовните институции. Тоа беше генералната забелешка за измените во законот што професорите ја упатија уште пред речиси две години. Одредби образложени како упад во автономијата се оспорени и пред Уставниот суд, но оттаму се уште нема одлука.

Законот се менува за построга владина контрола врз универзитетитеМинистерот Панче Kралев изјави дека предложените измени на законот се за усогласување со препораките на ЕУ, но и со заложбите на Болоњскиот процес за поголема соработка помеѓу универзитетите и зголемена мобилност на студентите.

Според најновите законски измени, секој универзитет има обврска да основа најмалку еден центар за кариера, кој еднаш месечно треба да има средба со Агенцијата за странски директни инвестиции за потребите од кадар на пазарот на труд и намалување на јазот меѓу побарувачката и понудата на работната сила. Сите високообразовни институции имаат обврска да склучат најмалку два договора за соработка и најмалку два договора за двојна диплома или заедничка студиска програма со универзитет рангиран меѓу првите 500 според Шангајската листа, односно 100-те најдобро рангирани универзитети по МБА-програма.

Четириесет отсто од парите од партиципација на студентите факултетите треба да ги користат за инвестирање во научноистражувачки проекти. Тие се обврзани да организираат студиски престој за минимум 30 студенти, не повеќе од три месеци на првите 500 рангирани универзитети во согласност со Шангајската листа, односно првите 200 од соодветното научно подрачје. Право на бесплатно школување имаат студенти со завршен просек над 9 во претходната година. За студентите се воведува и можност за паралелно студирање. Со новите измени во законот се враќаат и асистентите, а ќе се наградат и професори кои соработуваат со светски универзитети. Високообразовните институции задолжително носат програма и за вклучување на визитинг-професори од првите 500 рангирани универзитети.

Извор: Дневник, текст на Милена Атанасоска – Манасиева