Законите за високо образование и за хонорарите ставени на дневен ред во Собрание

На дневен ред на денешната седница на Собранието на РМ се предлог-законот за изменување на Законот за високо образование (ЗВО) и Законот за хонорарите по скратена постапка.

Пратениците на закажаната седница од 13 часот ќе расправаат за измените на ЗВО, само еден ден пред најавената окупација на Универзитетот од страна на студентите и неколку дена по вонредната средба во Владата меѓу претставници од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, предводени од ректорот Велимир Стојковски и претставници од Професорскиот и Студентскиот пленум, а на покана од самиот премиер Никола Груевски.

Иако ректорот Стојковски веднаш по средбата изјави дека бил постигнат договор за одложување на државниот испит, од Студентски пленум реагираа дека премиерот само им ја кажал својата понуда, а за тоа дали ќе се прифати ќе решат сите студенти заедно. Професорскиот пленум пак, најави дека ќе се вклучи во работата за изготвување на новите законски решенија, но не се откажува од легитимното право на вониституционално делување во случај на изневерени очекувања.

Претходно, пратениците експресно ги изгласаа предложените измени на Законот за високо образование и воведувањето на државeн испит во високото образование, а пленумците го прогласија Собранието за место на злосторот каде се погубува образованието.

На дневен ред на денешната седница е ставен и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, откако викендов пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека ќе побара измени на Законот со кој од 1 јануари дополнително се оданочуваат хонорарите.

И оваа одлука доаѓа само неколку дена пред најавениот протест на хонорарците поради новиот закон којшто од 1. јануари годинава ги задолжуваше сите оние коишто ќе добијат хонорар над 9.500 денари, без разлика дали се вработени или не, да плаќаат и придонеси, покрај данокот.

Во меѓувреме потписниците на Повелбата за солидарност за заштита на работничките права, граѓански здруженија, активисти и поединци ги отфрлија најавите за измени на законите за придонеси за хонорарна работа. Тие уште еднаш повторија дека бараат целосно повлекување на законските измени, како и дека остануваат на најавата за протести во петок (13 февруари), во 14 часот.